Чорапчиња – Калина Коси

dozd auto--naslovna_majkatiitatkoti
[fblike]
На семафор, на дождов. Тропа ли тропа на прозор. Жена, мајка, сестра, кој знае. „Дај ми за детево некој денар“, ми вели. Ја гледам и се мислам, помислувам секој пат, дали сите ние што даваме по некој денар не сме можеби и најголемите виновници што се тие луѓе секој ден таму, по семафори. По онаа логика – таму се, затоа што има кој да им подаде, кој помалку, кој повеќе. Да не е подавањето, најверојатно воопшто не би ги гледале и не би биле сведоци на нивната беда. И што е најважно, не би биле сведоци на злоупотребата на децата за просење кои секојдневно се во ризик да завршат под нечие тркало. Истата мисла во само неколку секунди ми прелетува секој пат кога ќе се најдам во таква ситуација. Па нешто во мене се крши, па ќе си речам – ајде, можеби стварно ѝ требаат пари за детето, ќе му купи млекце, било што, греота е, па ќе посегнам по ташната или по нешто ситно и ќе го отворам прозорот. Како вечерва.
Само што вечерва се случи нешто друго. Жената носеше капа, врз капата шал замотан околу главата да не ѝ студи, да не ја врне. Некој капут имаше на себе и волнени ракавици. Долу чизми кои ги забележав додека приоѓаше. Прво неа ја видов. Па ѝ погледнав во рацете. А таму… во излитено кебенце завиткано бебенце. Подоткриено, за да се гледа нели. За да ти падне жал за него кога ќе го видиш, за да пуштиш срце. Облечено во тенка блузичка и панталонки… а долу боси ноџиња 🙁 Скроз боси, помодрени од ладново. Таа се стокмила, наоблекла, а детево го разголела до гола кожа. Стуткано беше сиротото од студ…
Да ја жалам? Кого? Неа или него? Да дадам пари на таков човек? За бебето ли ќе ги потроши? Ќе му купи ли млекце, како што јас си замислувам откако некој денар некому ќе оставам, па си се тешам на тој начин дека некакво добро сум направила? Облечи го детево! Налутено ѝ реков, го затворив прозорот и тргнав, со ситното кај мене во рака. Не можев, не можев на таков човек ни денар да му дадам, ќе ме гризеше совест ако го направев тоа… како жена, како мајка, како сестра… 🙁
Ќе му купеше ли можеби чорапчиња ако ѝ ги оставев?

[button color=”#000″ background=”#fff” size=”large” src=”http://majkatiitatkoti.com/prikaski-za-mali-deca/kalina-kosi-page/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]
595х90 px-01

Посетено 693 пати