Нешто ситно

Утрово во супермаркет. На влегување додека земав корпа, касиерката и дофрли на колешката нешто што не го разбрав баш добро во тој момент: „Ене ја пак Едно-по-едно.“ Си зборуваат нешто во шифри, си помислив. Испазарив што ми требаше и застанав во ред на каса.

edno-po-edno-naslovna

Пред мене, средновечна скромна женичка, не би и дала повеќе од 55-60 години. Од една стара, излитена торбичка почна да вади лимон, јаболко, крставица… Касиерката во исто време почна да врти очи, ме погледна, ми се насмевна и ми направи гримаса од која прочитав – ќе потрае. Па почна со мерење, го измери лимонот па го тргна, па јаболкото, па крставицата… и уште нешто можеби имаше, не обрнав внимание, па и кажа на женичкава колку должи. Мислам дека таа ѝ даде 100-ка веднаш. Касиеркава продолжи „Уште 15 денари госпоѓо!“ И тука почна. Пребарувањето по новчаничето кое, откако женичкава извади 10-тина денари од него, очигледно зјаеше празно. Го вртеше, превртуваше, ги отвораше, па ги затвораше истите прегради… Едно време си викам, да ѝ дадам 15 денари, ама си помислив, да не ме сфати погрешно, да не ја навредам, никако не си. Касиеркава продолжува сега со повишен тон „Госпоѓо, ајде побрзо ако може, муштерии чекаат!“ „Еве сега, сега, имав тука негде уште 5 денари, не знам кај сум ги ставила“ и одговори женичкава, сега веќе повознемирена и некако усрамена, зошто рацете почнаа да и треперат, момент кога ги забележав крпените рабови од џемперчето што го носеше. Што сака нека биде, си реков, извадив 15 денари и ѝ ги дадов директно на касиерката. „Не викајте по жената, нели гледате дека нема ситно, еве, во ред е сега“, реков. Женичкава ме погледна изненадено: „Фала ќерко, да, ситно немав, мислев имам… ќе вратев нешто од ова ако требаше… еве, тука има 10 денари“, ми ги подаде. „Нема потреба, во ред е навистина“, ја допрев по рамото, а таа почна да ги става производите во истото она старо и излитено торбиче, едно по едно… едно по едно… Тоа е таа, „Едно-по-едно“, си помислив, предмет на потсмев само затоа што носи излитена торбичка, крпен џемпер и празно новчаниче кое не ѝ дозволува да си ја наполни количката со се и сешто одеднаш, како што можат некои…

Ми беше мило што најверојатно не ја навредив, а уште помило кога ми се насмевна на заминување, зошто тогаш знаев дека ѝ олесна. Ѝ намигнав, а таа со некоја топлина во погледот која можев да ја забележам само јас, уште еднаш ми се заблагодари. Овој пат, не заради тоа што ѝ доплатив 15 денари, туку заради тоа што со ситното го сокрив нејзиното празно новчаниче од кое таа се срамеше. Не направив бог знае што, всушност не направив скоро ништо, направив само нешто малку, нешто ситно, ама еве, понекогаш и толку е сосема доволно да ти дојде убаво на душата, да се разбуди во тебе живоста, едноставно да се почувствуваш како човек…

 

Посетено 23.109 пати