Некој друг ти
[fblike]
Песна за Скопје напишана во јануари 2015.
Кој си ти, веќе не те познавам?
Франкештајн, мистер Хајд?
Ни стана казна, ништо друго.
Резултат на нашата пасивност и понизност.
Никој не сакаше да останеш недораснат,
но прерасна во нешто од што се срамиме.
Модернизацијата ти е минато, иднината во турско.
Жив пример дека времето не само што
може да стои, туку оди и во рикверц.
Ти си задоволен просјак пред починка
и уморна курва во осум сабајле.
Распонот на твоите гласни жици –
од експлозии на лелеци до зарипнатост
(и одвај прошепнати радости).
Ти требаат луѓе со слух и врвен диригент –
само така кренатиот глас на народот
може да ги раздрма ушите на Горниот.
Зиме си најгрд, на пролет насмеан,
лете разголен, во магла неодолив.
Познат ко дланка а неоткриен ко лек за рак.
Ме знаеш од бебе, но и јас тебе, од бебе.
Сум ти го мерел пулсот во три по полноќ,
сум те љубел до пет сабајле, па ракија
на гладно срце и гаргара со ноќта.
Утра со младост, лето и сезонска миграција,
и чувство дека сум повторно сам дома.
Нови урбаноними, ориентири,
така било отсекогаш – старите негодувале,
младите се привикнувале.
(Плоштад без споменици
е како споменик без птичји гомна.)
Твоите најнови недвижности
треба под итно да проодат.
Кожните болести на фасадите,
оџаците непрочистени
ко душите на станарите.
Бившите паркчиња од кои никнува бетон…
Како ќе го прекрстиш плоштад Слобода,
по името на некој петоколонаш?
Зајдисонцата на Партизанска,
изгрејсонцата од Железара…
Ти си рудар кој копа во смог,
хигиеничар кој смрди на пот,
бармен кој жонглира со политика…
Немаш смисла за хумор, но некогаш
знаеш да ме насмееш до солзи,
големи, небаре капат од мостот Око.
Те чекам од двете страни на реката.
Никогаш не си бил ксенофобичен, и токму
затоа, кажи му НЕ на национализмот.
Толку убави народи, народности, малцинства…
микс од култури и зачини, што го зачнуваат
но треба и да го зачуваат заедништвото.
Гласовите на минарето и камбанеријата
се среќаваат на иста висина.
Слични сме во нашите инаквости.
Обични луѓе, ништо повеќе.
Ние делови од тебе, ти дел од нас –
ни шеташ низ крвта додека крвавиме
во порите на твојот асфалт.
Круг на животот си ти,
за нас, најупорните, што
сè уште наивно ти веруваме
и за ништо на светот
не те менуваме.
Посетено 644 пати