Македонска сага

Гледам им ги бројат становите на градоначалниците. Сакаш дозвола за градба? Сакам. Дај станче. Дај си рака. Така стекнато. Просто. Едно ваму, едно таму, никнуваат ко печурки. А со прст не се мрднало… т.е се мрднало, кога се ставал потписот на дозволата. Не го викаат џабе Стефче – КОМШИЈАТА. Демек зборат дека толку многу станови имал низ Скопјево, што на сите ни бил комшија. Ама не бил единствен, како што се открива и допрва ќе се открива. Негови комшии му биле колегите градоначалници  И после се чудиме зошто се тепаат градоначалници да бидат. Ете зошто. Ти ќе живуркаш во стан од по земјотресот 63-та, ќе го крпиш, поправаш, доправаш, а нему на поклон со машна станчиња колку што ќе посака… Деца, внуци, правнуци, пра-правнуци… сите уште од сега обезбедени…уште неродени. Му ја скроиле на Петко капата.

А твоите деца…? Ќе си го наследат овој твојот од 63-та во кој ќе живеат заедно со тебе дур не те земе оној горе… и тоа е скоро па се што од тебе ќе им остане во наследство. Згора на се, не само што нема „фала“ да ти каже зошто си му оставил на детето скапан стан само затоа што си работел чесно и затоа што од чесна работа со наша плата не можеш во државава ни да преживееш од месец за месец камоли станови да купуваш, туку и крив ќе бидеш што не си се потрудил повеќе како што се „труделе“ таму некој си Стефчо и компанија… И така, ќе си се тешиш и ќе го чекаш денот кога твоите деца ќе бидат доволно зрели за да сфатат на каков тоа начин „се труделе“ градоначалнициве наши, а во меѓувреме, ќе ти пука срцето од мака… што на твоите родени деца не си им пружил доволно, а камоли на некој си таму уште нероден потомок Петко. И тоа е таа… македонската сага која те следи скоро целиот твој живот… судбината на повеќето од нас 🙁

Посетено 3.804 пати