Ќе се видиме повторно, некогаш, никогаш

crnokosa
Имам многу да ти кажувам, еј!
Колку научив, колку созреав, колку сум нова, нова како неотпакован поклон кој никогаш нема да го добиеш повторно.
Никогаш нема да ја одврзеш панделката која ја врза околу моето срце, го стегна, не отчукува повеќе гласно како некогаш, отчукува бавно, тивко, ма ќе ти кажувам кога ќе се видиме.
Никогаш, некогаш…
Знаеш, сакам да ти кажам колку ме боли, сакам да ти кажам дека сите овие зборови кои ги кажуваам всушност немаат смисла, ти имаше смисла, без разлика што пишувам, ти ме познаваш.
Како не би ме познавал, кога ме порасна?
Се чувствувам дури разголено, повторно, секогаш, што и да направам, што и да кажам, ти знаеш да ме разголиш со твоите очи дури и кога не ме гледаш.
Ја знаеш смислата, јебига, лекција што не се заборава, сепак ти благодарам, знаеш дека не те мразам, никогаш нема да те мразам, ти ме научи да не мразам.
Ме научи да разбирам, да простувам.
Се прашувам зошто тогаш ти никогаш не ме разбра мене, не ми прости на детинското во мене, знам дека го обожаваше потајно.
Ме гледаше како свое дете, а ме остави како сираче, каков родител си ти?
Имам многу да ти кажувам, еј!
Но, немам зборови, замисли, писател без зборови, таквите кажуваат најмногу.
Не зборуваат многу, но кога ќе проговорат кажуваат се во еден збор.
Ми остана само да се надевам, дека ќе те сретнам во друг свет, ќе те видам со други очи, ќе ме гледаш со други очи, ќе ме гушнеш со други раце, ќе те прифатам со туѓи раце, некои нови.
Ќе те очекувам со друго срце, бидејќи ова веќе е скршено, тоа ќе биде ново, неотпакувано, ти ќе ја имаш честа повторно да го отвориш, се надевам нема повторно да го искршиш.
Имам многу да ти кажувам, еј!
Но, ќе оставам за тогаш, да не снема муабет, кога ќе се видиме повторно, некогаш, никогаш.
Посетено 5.904 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!