После дождот…

Моја драга пријателка вчера сподели тажна приказна за граѓаните на Ресен. Сведоштво за сиромаштијата во државата, напиша. Поголемо нема. И немаше за мене во тој момент. Сакав, но не можев ни збор да напишам вчера. Чекав дождот да помине…


Замислете улица, магистрален пат, Ресен-Охрид. Темно е и врне дожд. Додека поминуваш, покрај патот гледаш светулки. Како оние што како деца ги бркавме по ливадите. Се палат, па се гасат. Иако светулки не се. Луѓе се. Многу луѓе. Луѓе во шушкавци. Со светилки во едната, кеси во другата рака. Што прават надвор на ова невреме? Луди ли се? Ќе си помислиш. Собираат. Полжави. Да, да, добро прочитавте. Собираат полжави… за да можат потоа да ги продадат за 25 денари килограм! Колку полжави треба да собереш за да заработиш 25 денари? 10? 20? 30? Колку пати може да ти се слоши додека ги собираш лигавите животинчиња за бедни 25 денари? Колку возила можат да те поткачат… колку громови можат да те удрат, додека се мачиш да заработиш 25 денари?

Нема, навистина нема поголемо сведоштво за сиромаштијата во една држава од една таква слика. Зборувај што сакаш, убедувај колку сакаш, покажувај податоци за напредок, анализирај економски показатели за прогрес, џабе ти е се. Само еден поглед да фрлиш на тие луѓе, и целата твоја статистика паѓа во вода. Ја измива дождот… Ќе останат само светликавите траги од раздвижените животинчиња по асфалтот и тревата разгазена од човечките стапала, како сведоштво за нашата беда. А во свеста, никогаш нема да ни избледеат трагите од ова време-невреме во кое живееме, во кое некои луѓе наместо со труд и мака од собирање полжави, се богатеа со лигавење. Баш како полжави. Се криеја на припек, излегуваа по дожд, кога никој не ги гледа. Каква неправда. Колку боли. За нив, за мала привилегирана група луѓе, после дождот – сонце, за нас, обичните смртници, после дождот – дожд… Сонце не не огреа!

Посетено 1.561 пати