ЈСП хроники во вторник в петок

Дур стоиш на автобуска, трипати ја повторуваш „Оче наш“ и молиш Бога автобусот што го чекаш да не е истиот што го чекаат 578-те пензионери опремени со торби за пазар.

Автобусот доаѓа и сфаќаш дека џабе си се молел и Господ не постои. Од замаглените стакла од старски здивови и офкања бледо го гледаш хоророт што те чека.

Вратите се отвораат. Те мава миризбата од седмиот круг на пеколот и веднаш го пресметуваш патот со најмалку мишки до шоферот каде што треба да го купиш билетот.

15 минути подоцна конечно успеваш да се пробиеш да си купиш билет, шоферот ти го дава заедно со уште некоја пропратна пцовка упатена кон пензионерите што се крцаат позади тебе. Па пич*а му мајчина шефе, се сфаќаме.

Време е да ја изведеш Супермен позата. Со десна рака се потфаќаш за најблиската шипка, опфаќајќи минимум три минијатурни (и мошне напиздени) бабички што ти се во близина. Ако немаш музика во уши, си нае*ал.

Се помируваш со судбината и пробуваш да слушаш океански бранови. Не ти успева, и слушаш за пензии, загноени палци и како таа сељанката од пазар ги поскапела пиперките.

После три поминати станици на кои автобусот само се полни а никој не се симнува, полека почнуваш да губиш верба во човештвото. Ги броиш модриците од торбите.

Почнуваш да веруваш во космичка правда – ваква агонија може да скрати само метеор што ќе лупне директ во автобусот. Метеор нема, јеби*а.

Стигнувате до една од клучните пензионерски дестинации. Пола од автобусот се празни и конечно можеш да земеш воздух што не мириса на праз и бугарска ружа. Конечно на раат можеш со поглед полн презир да ги гледаш останатите пензионери.

Еве ја станицата за работа. Автобусот е веќе скоро празен и со уште поголем презир ги гледаш оние што влегуваат на раат бидејќи никогаш нема да го осетат хоророт што ти само што го преживеа.

Излегуваш, вдишуваш длабоко и се тапшаш по рамо.

Си принташ диплома „Се возев во ЈСП во вторник и преживеав“ и гордо ја закачуваш на работа за да знаат колку си храбар.

Посетено 6.381 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!