Изложба На Фотографии На Натали Башоска
[fblike]
Се викам Натали Башоска. Имам холандско, но и македонско потекло. Пораснав во Пештани, а во моментов студирам филмска режија на уметничка академија во Њујорк.
Интересот за фотографијата ми се појави тука, во охридскиот регион. Почнав да фотографирам пејсажи, но и многу екпериментирав со техники и стилови.
Откако се преселив во Њујорк, голем предизвик ми беше да продолжам да создавам добри фотографии бидејќи бев во сосем различна средина.
Отсекогаш сум си дозволувала слобода да менувам стилови и отсекогаш сум го фотографирала токму тоа што ми го привлекувало вниманието. Така, по одредено време поминато во Њујорк, сфатив што ми го привлекува вниманието. Тоа се различностите на луѓето. За мене Њујорк не е „Америка”, туку цел свој свет во едно. Сите поединци што ги запознавам се сосем различни од тие што ги знаев и сите на свој начин ми го привлекуваат вниманието дали со изгледот, поттеклото, ставот кон уметноста или ставот кон животот. Така, започнав да ги фотографирам. Уличната фотографија за мене е нешто сосема ново и имам уште многу за учење. Секој слободен миг бев во градот за да научам нешто ново и за луѓето и за начинот на кој што сакав да ги сликам.
Направив колекција на фотографии сликани во подземното метро во Њујорк бидејки тука се наоѓа најголемата колекција на различни луѓе млади и стари, од секоја раса и секоја класа. Сите се возат со метро, секој во свој филм, а јас ги фотографирав.
Таа колекција ќе ја изложам во Охрид. Отворањето на изложбата е на 9 Јуни во Објектив во 20:00 часот. Сите љубители на фотографијата и на светот се добредојдени.
Посетено 1.067 пати