Хулија Хилми: “Златниот рог” или пеш низ “Фенер” и “Балат”

Изградбата на Истанбул, направена е по истиот принцип како и на Рим, изграден е на седум рида, како симболи на петте тогаш познати планети, плус по еден рид за сонцето и месечината. Седумте рида се наоѓаат во пределот после првиот мост на Халич и овој дел е наречен „историски полуостров”. Оние што го посетиле Истанбул, верувам дека барем еднаш биле на историскиот полуостров и знаат дека тоа е воедно и најпосетеното место во Истанбул, бидејќи тука се наоѓаат најголемиот број на најзначајните историски знаменитости. Погледнато од која било височинка, овај полуостров, стариот Истанбул, бил изграден на релативно мала површина, а во споредба со импозантната големината на денешниот Истанбул воопшто и не е за споредување.

ist1_naslovna

Но, колку и да мислам дека го познавам стариот Истанбул на секоја моја прошетка успева повторно да ме изненади, како да им нема крај на малите затскриени сокачиња, кои го отсликуваат времето некогаш и на градбите кои раскажуваат приказни од минатото.Овој пат ќе прошетаме низ не толку познатите, но едни од најстарите населени квартови Фенер и Балат, што иако се дел од историскиот полуостров и се лоцирани покрај вода, поточно помеѓу вториот и третиот мост на „Златниот рог”, не се туристички развиени, бидејќи, за жал, тукашното население е мошне сиромашно.

istanbul1

Затоа, со една напомена, оваа рута не е за оние што сакаат да го видат раскошот на градот, или за оние што се дојдени повеќе за шопинг, нив им препорачувам да влезат во „египетскиот пазар” за зачини и од таму да продолжат до „Капали чаршија”, додека овој дел им го препорачувам на оние пољубопитните и на љубителите на разновидноста, на оние што сакаат да го почувствуваат нетуристичкиот мирис на стариот град.

zlatniot rog2

Квартовите Фенер и Балат и покрај многубројните пожари во минатото, за среќа се уште имаат задржано дел од некогашниот лик, делумно и затоа што се културно наследство заштитени од Унеско. Овде наместо луксузни ресторани имате едноставна, но превкусна храна од уличните колички, што воглавно нудат „пилав” (ориз) со леблебии и риба испечена на фолија. Она што ги прави посебни се тесните и разнобојни дрвени куќички до три ката, калдрмести улички низ кои буквално се сопнувате на камењата останати од старите византиски градби, како и многубројните цркви, синагоги, амами и школи.
zlatniot rog1
По автентичните градби, не е тешко да се претпостави дека некогашното население било претежно составено од румелиите т.е. старо византиските населеници, ерменците кои биле познати мајстори за градење, но исто така многубројна била и популацијата на шпанските евреи, кои бегајќи од инквизицијата, нашле засолниште токму тука. Соживотот во Истанбул за време на Отоманската империја функционирал беспрекорно, но за жал за време на Втората светска војна, Р.Турција наметнува високи давачки и со тоа придонесува евреите и преостанатото немуслиманско население масовно да го напушти овој дел од градот и да го препушти на помалку богатите муслимани.
Зад нив останануваат синагогите Јанбол и Ахврида, Румелиската Патриархија, Црвената Румелиска гимназија, бугарската црква Св. Стефан, црквите Св. Никола, Св. Ѓорѓија, Св. Марија, што се само  дел од преживеаните одбележја на овој дел, каде што низ вековите се граделе многубројни и разни верски обележја.

zlatniot rog

Патот ќе ве донесе и до универзитетот Кадир Хас, што нема шанси а да не го забележите, бидејќи е сместен во поранешна фабрика за преработка на тутун, а веднаш до него ќе ги најдете и неколкуте рибни ресторани. Сите се добри, но јас би го издвоила “Cıbalı kapı Balıkcısı”, заради 30-тината видови на мезиња што ги нудат, со неверојатен вкус, и секако заради амбиентот и погледот. Менито е претежно од морска храна и го приготвуваат со разни билки и зеленчуци од егејскиот брег, така што можете да нарачате леврек со сушен патлиџан, или печен во морска сол, но најдобро оставете да ви ги покажат специјалитетите на денот што ќе ви ги донесат во голема бакарна тепсија, па така може многу полесно да изберете. Рибата е исклучиво свежа. За десерт после риба, обично послужуваат топла алва во сос од портокал, но вие сепак нарачајте го слаткото од артичок, бидејќи тоа е едно од ретките места што се уште го послужува. Разните ладни и топли предјадења и рибата со чаша вино ќе ве чини околу 45 евра.

Cıbalı kapı Balıkcısı

На неколку метра од ресторанот не пропуштајте да ја видите познатата „Џибали врата” од византиското време. Во продолжение, по кејот, ќе наидете на разни ателјеа, малечки хотели, стари над 100 години, продавници за рачно изработени дрангулии. До хотелот “Daphnis”, има едно такво мало дуќанче “Nicomedian”, но освен што продава подароци, во исто време сервира и органски појадок што чини од 13 до 35 лири и доколку го нарачате оној од 35 лири, ќе добиете и бесплатен туристички водич.
zlatniot rog_hulya
За да го видите целосно историскиот полуостров, сите 7 ритчиња и притоа да ги направите најубавите фотографии, тогаш продолжите до крајот на Златниот рог, односно до третиот мост. Под мостот од левата страна ќе го забележите камениот зид, кој го обележува крајот на историскиот полуостров, а воедно е и влезот низ кој Султанот Фатих Мехмед во 1453 година го освојува Истанбул. После мостот има жичница која ќе ве искачи до највисоката точка во околината, врвот Pierre Loti, од каде што имате панорамска гледка на Златниот рог, на Босфорот и на сите 7 рида. Ова е место каде што и стотина фотографии нема да ви бидат доволни за да ги доловите убавините на стариот град. Во дворот на џамијата има ресторан –бифе, каде што можете да нарачате турско кафе и тост, но не ви го препорачувам за нешто повеќе.

istanbul3

Од минатата година, драстично се менува трендот и квартовите Фенер и Балат почнуваат да ги населуваат сликарите, актерите, писателите и музичарите, бидејќи тука се уште можат да се најдат живеалишта за доста поволни цени. Тоа би требало да значи дека во догледно време улиците ќе бидат почисти, а куќите реновирани и секако е показател дека ова место има шанси да си го врати некогашниот сјај. Останува времето да покаже

Текстот е веќе еднаш објавен кај нашите пријатели Локално МК

Посетено 771 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!