“Добро”
[fblike]
Ако те прашам „како си“, не ми викај „добро“. Јас на таков ли ти личам? На таков ли ти личам јас што верува на „добро“? На таков ли ти личам што го интересира едно зборче само? На таков ли ти личам што го интересира едно скапано едвај чујно зборче? И кога така ќе го кажеш со пола душа, нели е тоа како подотворена врата што пропушта само едно ситно зборче, а задржува цела лавина други, огромни зборишта. Цела лавина задржува да не излезе и да го потопи светот. А јас кажи ми, на таков ли ти личам што не знае да издржи лавина? Еј, глеј ме ваму… ме прегазиле мене неколку лавини. И моите лом ме праеле, но и на некои драги луѓе. И еве, стојам тука спремен за уште една. Не ми викај „добро“ на мене. Немој ти на мене „добро“, ме разбра? Сакам да си ја превртиш пред мене душата како џеб кога превртуваш за да најдеш некое залутано железно париче. Душата сакам да си ја превртиш и однатре се што ти е испишано да ми прочиташ. Разбра ли што те прашувам? Дека ги слушам зад вратата железна сите зборчиња заробени како преку муцката што си им ја затнал врескаат. За некои, тоа е неразбирливо мумлање, ама ме знаеш ти мене, јас поинаку слушам. Читам ненапишано, слушам неизречено, гледам невидливо. Животот ми отвори во черепов многу очи и уши.
Затоа немој ти на мене „добро“. Кажувај, колку и да тежи. Се сеќавам јас на времињата кога сме се кикотеле од срце заедно. Па, ако сме знаеле заедно да се кикотиме, ќе знаеме заедно и да заплачеме.
Посетено 1.381 пати