Денови од чуда создадени

Чудни сни имам деновиве…
спијам, а не спијам,
будна сум, а не сум,
бестелесноста дур лежам ме измачува,
како да ќе исчезнам, а нема да сетам кога и како.
Чуден ми е чекорот деновиве…
премногу лесен и воздушест,
чиниш провев имам под петиците…а сепак,
како од олово направени нозете ми тежат,
иако на земја отпечатоци не оставам.
Чуден ми се чини светот деновиве…
конфузен, бучен и црно-бел,
небаре сите бои попатно се истрошиле,
како во сливник да истекло сето шаренило
и неповратно исчезнало.
Чудно ја чувствувам утробата деновиве…
матката ми се грчи дури раѓам зборови,
однатре ми крварат сите неизговорени мисли,
се мислам да ги извадам со царски рез…
“Госпоѓо, честитам…родивте песна”.
Чудно ми чука срцето деновиве…
прескокнува како да игра на музика,
запира, како да размислува за нешто многу важно,
па туку наеднаш се растрчува
и сите околу себе ги распаметува.
Чудна сум деновиве…
многу почудна од вообичаено (ако е тоа некаква утеха)
јас сум, а како да не сум…со главата во облаци или облаците во глава сеедно,
далеку од себе…
а колку мислам дека сум подалеку,
толку повеќе се пронаоѓам!
Чудно…деновиве изместени ги чувствувам,
како да го избуричкал некој редоследот,
па сега во среда, неделата ме боли…
Се’ е некако чудно деновиве,
во овие чудни денови,
во овие денови од чуда создадени.

Посетено 1.047 пати