Да пишуваш поезија

Да пишуваш поезија
на крајот на овој век
е како да имаш отворено
казанџиски дуќан во Ристиќева
или пак како да продаваш
резервни делови од Аполо ракети
во некое село во тетовско.
Да пишуваш поезија
во ова жестоко време
е како да бараш потонато благо
од некоја средновековна
шпанска, кралска галија
во длабочините на реката Вардар,
како да патуваш со лунарно возило
во вселенските пештери на Матка.
Да пишуваш поезија
во ова болно време
е како да одгледуваш авокадо
на некој балкон во Кисела вода
или како да проектираш план за метро
наменет за некое напуштено Мијачко село.
Да пишуваш поезија
блиску до крајот на светот
е како да пишуваш на свеќа
со дебело гускино перо
во седиштето на Мајкрософт
во Редмонд
или како да шеташ секојдневно
во скопската зоолошка градина.
Да пишуваш поезија
во оваа малигна средина
(каде има повеќе поети од читатели),
доколку не си манекен или мафијаш,
извикана нула или лажна вредност,
е бесмислена залудна работа.
Тоа е како да го свириш Шопен
на некоја масовна селска свадба.
Да пишуваш поезија
всушност и не е толку лоша работа.
Не мора да имаш ни муда,
ни срце, ни знаење, ни душа.
Треба да не знаеш што со себе,
треба да немаш попаметна работа,
треба да знаеш дека од тоа (фала богу)
и нема попаметна работа.
1997.

Посетено 388 пати