ЦИГАРИ – ОТКАЖУВАЊЕ

cigar_libe_majkatiitatkotiАуу, која мизерија ја направив прексиноќа, откако по којзнае кој пат у 30-годишната пушачка кариера се препушив ко стока.
Мислејќи на легендарната изјава на Данило Киш “Јебем ти живот без цигара”, и на тоа дека мајсторот скина од рак на плуќа во Париз, седејќи сам на терасата некаде околу полноќ, акнав уште 2-3 “последни” цигари у животот и театрално ја џитнав скоро полната кутија цигари, ама не толку далеку.
И, по трет пат си реков-не пушам од утре!
Сам се излажав, заспав со болка во градите и сабалјето се чувствував како Рамбо.
Со верба во себе, го сркнав кафето на екс како јогурт, тажно ѕирнав надоле и ја видов кутијата што синоќа леташе, ама споро, како да фрлам гулаб на мирот на некое отварање на светско првенство.
Ајде бре, па можело и без пет-шест цигари додека се стигнало до работа.
Некаде околу 11 почна да ме јаде црвот, се шуткав како ненормален низ редакција и по 15 минути, бидејќи немав купено цигари нели, така усисав до петици една црвена малборка, што ме извади од кондури…
На, на , на, дента, бидејќи решив да не пушам, завршив со 10 цигари во градите и среќен си легнав, што сум ги намалил, бе.
Додека го пишувам текстов, веќе немам пола цигари во кутијата што си ја купив сабалјечки.
Тешка мизерија, дибек, шупељко, креле, идиотче, себичњак, магаре, сељачиште, морон, пицајзла, рудоња, што уште да кажам самиот за себе по овој, трет неуспешен обид за влез меѓу чистите и исчистените од цигари.
А, пред Нова Година, имав 45 дена непушачки стаж и се фалев и гракав по Скопје, по роднини, по кафани, дека више никогаш у живот нема да запалам.
Како да сум дипломирал на Сорбона. А,ааа.
А, ми беше убаво-и пијачката повкусна и јадењето полезетско и се осеќав како набилдан бодигард, и одев на Водно и трчав и возев точак, шо да ти кажам.
Арно, ама, да не се лажеме, паметот цело време у цигарите. Ги сањав, жими се.
Па ме викнаа на целодневна настава у “Дебар Маало”, кај Зоки Малиот (беше 26. декември), се туфкав едно 2 саата без цигара, па стегнав една до кичма, па уште една и на крај си купив две пакла црвен “Вест”, а утредента кога станав, немав ни за со кафе.
Пак се вреѓав самиот и ме вреѓаа и, јеби га.
Закључок?
Не е цигара се секого. Па, ја не знам да пушам. Не пушам, ги јадам. И, сакам да ги испушам сите цигари на маса, у трафика, у свет, да виткам тутуни, да увлекувам пури и цигарилоси, а бога ми и лула на мирот.
(Шо рече на времето другар ми Заљо -асли пушач кога се откажуваше по 19 пат: “сакав да го завиткам персијанерот и да повечам”).
И, си наоѓам разлог за секоја можна цигара-со кафе, без кафе, со какао, со јогурт, со боза, после доручек, па пред ручек со љута ракиица, после ручек со пиво, вино, пак кафе, пред вечера, за време на значајната пауза за вечера, па со “друшво” навечер, па пред секс, после него ич да не праиме муабет…, и пред спиење нема две кутии.
И, немам право да ги мрзам типовите што не пушат во работно време, дома, или дека не запалиле 2-3 дена, а вечерта ќе си акнат кутија како првпат да пропушиле, оние прави ераклии што знаат да пушат како треба, оние што знаат да направат ритуал од цигарата и шибицата, луѓето кои у џеп си носат иста кутија по 2-3 дена. Па тие се прави.
А, нема “намалување” за ваквите стоки и алчници како мене, бе.
Или пушиш, или не, нема трета опција, трет пат.
Или ќе труеш ко пепељара, или ќе мирисаш на прваче, па ти види сега.
И, нема врска оноа “трета среќа”.
Мислам дека четвртиот пат ќе биде Бинго.
Ќе ве известам на време. Се мислам нешто, дали и прес да свикам и да ги известам меѓународните олсенувачи. Онака, да ми олесни на душата.

Посетено 1.541 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски