Алиса во земјата на чудата
[fblike]
Колку е тажна оваа наша државичка. Тага на секој чекор. Во трговски нешто да купам. Чекам пријателка. Девојченце ја влече мајка ѝ за рака. Скромно облеченко, во памучно фустанче на бретели и гумени сандалчиња од оние што се купуваат на пазар, а мајка ѝ во црнина, со излитена стара ташна. „Што сакаш?“ ја прашува мајкава „Ти реков, немаме пари за купување и немаме време. Баба ти не чека“. Девојчево не се откажува, продолжува да ја влече за рака. Не сфатив за што се работеше од разговорот. Си помислив, детски желби неостварени. Сега ќе ја пукне мајка ѝ додека не ѝ го купи тоа што наумила. И ја довлечка таму каде што сакаше, баш како што наумила. До излогот на бутик за деца. Ја пушти мајка ѝ од рака и веќе збор не ѝ прозборе. Ни ајде, ни да влеземе, ни го сакам ова, ни го сакам она. Ништо. За неа веќе никој не постоеше. Ги стави рачињата на стаклото и се загледа во убавите и шарени фустанчиња. Како Алиса во земјата на чудата да ја видов. Такво воодушевување. Само што оваа Алиса ја гледаше земјата на чудата… однадвор. По некое време, откако си ги наполни очињата со убавина и усните со насмевка, се стрча накај мајка ѝ која ја чекаше потпрена на оградата и ѝ рече „Ете, готово. Ајде, сега можеме да си одиме мамо!“ Ја фати за рака и си заминаа. Пресреќна беше малата, потскокнуваше, само затоа што имаше можност да ги гледа фустанчињата кои очигледно ѝ беа недостапни. Леткаше како пеперутка… Знаев, во нејзините мисли, во нејзината фантазија, во тој момент, таа беше облечена во едно од фустанчињата… Со зборови не можам да ви опишам колку убаво ѝ стоеше!
Колку е тажна оваа наша државичка. Земјата на чудата. Тага на секој чекор. Продорна и длабока. Постои ли навистина? Или тоа само јас сум премногу емотивна, па затоа насекаде ја гледам?
Посетено 3.959 пати