Приказната за Џеси (втор дел) – Игор Џамбазов

– Извадок од книгата „Облечен човек“

  • Продолжение на првиот дел (кликни овде)

Војската заврши, а јас имав многу малку време да се подготвам за новиот начин на живот. Предавања, вежби, проби, учење. И некаде на почетокот на октомври тоа и ми се случи. Уште првиот ден на Академијата, се видовме со Ена Осичето. Баш си се израдувавме. Ена беше на трета година и веднаш ме запозна со сите од нејзината класа.

Меѓу нив и една девојка која како да не припаѓаше тука. Или ние сите други како да не припаѓавме тука? Една во милион има такви. Тоа беше Џеси.

И кога молчеше, доминираше. И не се плашеше да каже што било. И да те отера во три пички мајчини.

Тие денови почнавме интензивно да се дружиме. На паузите одевме до бифето на Драмски театар за да се измешаме малку со нашите идни колеги, актерите од тој тогаш најдобар театар на она што сега нагалено го викаат Југоисточна Европа. Кога ќе влезевме таму, како да влегувавме во друг свет. Во оној што најверојатно ќе го живееме. Нашиот свет.

Ама кога Џеси ќе влезеше таму, музиката сама застануваше. Сто и два запирка три посто од присутните сакаа да ѝ го дадат малку на Џеси. Џеси беше повик за секс. За блуд, разврат и порок. Добиваш илјада идеи кога ќе ја видиш.

Неколку денови подоцна, на пауза од предавањата, Ена и Џеси дојдоа во мојата предавална со многу конструктивен пред лог. 11 Октомври, на празникот наш, роденден на Ена, 19 часот, последна станица на 9­ка, десно, во егејските згради. Егејката, нормално, во егејските згради.

Само да знаеш, пријателе мој, што ми се случи кога дента на 11­ти Октомври сфатив дека јас немам што да облечам. Мислам, пригодно. Сите стари работи ми беа мали, а сите нови работи што мајка ми ми ги купила беа сељачки. Изгледав како некоја разгалена адолесцентка, како распуштеница што оди на вечера со нов маж, прв пат после разводот со стариот. Како денешниве спонзоруши пред да тргнат „на работа“. Единствен спас ми беше Пајо. Пајо Ичев. Он беше главен маалски фраер кога модните трендови беа во прашање. За таа прилика ми ја понуди на изнајмување најновата колекција од Солун, што он „уште не ја облекол“. Каква чест. Маалскиот моден гуру ме стокми како кукла. Половина работи на мене беа виолетови, а другата половина небосини. Изгледав како амазонски папагал. Пајо си се самовоодушевуваше.

„Бачко, како изгледаш…“

Изгледав идиотски. А модерно.

На плоштадот „Слобода“ купив мала орхидеја во картонско кутиче, со прозорче од кое се гледа орхидејата.

Фатив 9­ка и одвај ја дочекав последната станица, зашто сите во „деветката“ ме гледаа со насобрани чела.

Што ви е бе? Сино­виолетов фраер со орхидеја, не сте вид еле? Сакав да им го кажам ова, ама интелигентно си одмолчев.

Таму стигнав пред седум, ама Ена веќе ме чекаше на автобуската. Зградата беше многу блиску, ама сам немаше да ја најдам. Кога влеговме во станот, таму немаше никој.

„Прв сум, а Ена?

Посељачки здравје.

„Не бе, сега ќе дојдат.“

Во дневната имаше Петроф пијано, тросед, двосед, мала табу ретка, фотелја… класика. Масата со триста тракатанци. Се сместив на троседот, до пијаното. Само што седнав заѕвони ѕвончето. Џеси дојде. Пушти еден мал притаен вресок, кој звучеше:

„Уоооооооооооуууууу…“

Пиевме црвено вино. Грицкавме грисини. Се смеевме. Ја коментиравме мојата гардероба. Тогаш некако најмногу се смеевме. Свирев малку и на пијаното. Нешто што беше наполно несоодветно за таа пригода, како и наполно непознато за Џеси и Ена.

Дојде веќе девет навечер, ама други гости немаше на виделина. Со половина уста прашав:

„А бе, кај се гостите?“

Џеси не ми даде ни да го завршам прашањето.

„Кој ти треба тебе, бе маче? Што е, не ти чини со нас?“

Се обидов да останам прибран, ама со Џеси тоа едноставно беше невозможна мисија. И тоа „двојката“.

„Си водел некогаш љубов со две жени?“

Фак.

Продолжува…

Посетено 874 пати