На вчерашен ден е роден Ѓорчев, Бранко Ѓорчев… – Игор Џамбазов

– Извадок од книгата „Облечен човек“

Бране беше закон. Бране ако не беше, требаше со закон да го воведеме. Со указ. Бране беше дете. Постојано зборуваше за тоа како бил избркан од три гимназии, дека практички студирал средно, малку во Неготино, па во Скопје, и на крајот во Куманово. Демек, бил проблематичен дечко. Јас лично не верував во тоа. И сигурен сум дека тоа не беше вистина. Бране беше добар дечко. Ама тоа не беше баш фраерски во тоа време. Кога почнавме да студираме, Бране како да стана малку исплашен и несигурен, исто каков што бев и јас, а и сите други во класата по глума.

Бране го сакаше животот, иако знаеше да има и лоши моменти. Знаеше, поради само нему јасна причина, да падне во деп­ресија. Ама, пријателе мој, вистинска депресија. Кога прв пат го видов тоа, се исплашив. Го прашав што е работата. Ме погледа со тие негови необични очи.

„Нервите… со нервите не сум добар.“

Тогаш ми призна дека пие апчиња за нервите. Дека пие „тавор“. Ние во тоа време експериментиравме со апчиња. Друго немаше. Таворот беше апче кое можеше сè да направи за тебе. Јас се потрудив да ја надградам ситуацијата, па почнав „таворот“ да го пијам со пиво. Апчето, измиксано со ладно скопско, удира­ше во мозокот како овие дививе тревишта денеска. Божем трева, билка-лек, а прави од тебе некоја мешавина од Стивен Хокинг и Форест Гамп. Бране сакаше да пие шприцер. Литар со литар. Тоа му е во крвта, неготинска. Ќе ми направеше понекогаш ќеф, па ќе акнеше од нога со мене на шанкот во Драмски театар, нешто обоено и луто. Ама шприцерот му беше омилен. Пиеше и пиво понекогаш, ама тоа лошо му влијаеше. На секое четврто пиво следуваше точката на вечерта. Шише пиво, неотворено, во глава. Сам себе си. И тоа полно шише…

Беше мајстор за пеење староградски бисери и патриотски песни. Имаше нешто оперско во неговиот глас и стас. Бране беше виток ко ела, ќе направеше специјална поза за пеење,
па ќе извадеше еден неочекуван бас-баритон, од влечки да те извади. И кога доаѓаше моментот на кршење на шишето во глава, Бране го користеше својот талент за глума, па не го пропушташе моментот да направи голема драмска пауза, и да ја натера публиката да одбројува до три…

„Едееееен, дваааааа…“

И… на „три“, со еден матрикс-потег, Бране ќе го акнеше шишето пиво во челото на сопствената глава. Шишето се кршеше, а од него излегуваат и пената и пивото заеднички, а  Бране остануваше како кип, истуширан со пиво. Па аплауз, па Бране се поклонува… циркус. Тоа беше вешто извежбан перформанс, во кој Бране секогаш брилјираше. И никогаш не
се повреди. Е сега, понекогаш се случуваше, тој, матрикс-потегот со шишето, да не биде направен под добар агол, а и брзината да не биде точно погодена, па ќе му останеше џумка на челото, а јас ќе го заебавав сè дури не му исчезнеше.

Многу сакав да го заебавам Бране. Живеев за тоа. Му смислував работи кои најмалку ги очекуваше. Бране не се лутеше. Ќе ми се издереше, ќе ме испцуеше, ќе ми беше лут цели дваесет минути, па тргнуваше во одлучен контранапад. Ќе заземеше поза, како да ќе каже некоја многу умна народна поговорка, а всушност, секогаш беше нешто поврзано со мојата интелигенција. Дека коефициентот е мноооогу низок, и дека постојат многу институции за такви како мене, и дека алкохолот почнувал полека да ми го пие мозокот.

Тој ми враќаше на негов единствен начин.

„Гомно едно“.

Бране живееше во една од црвените кули на Градскиот ѕид, на 9-ти кат. Имаше еден луд лифт, во кој се возевме под голема психичка пресија. Лифтот работеше кога сакаше, а и кога
работеше, како да не му се сакаше. Бране мразеше лифтови. Особено ако се заглавени меѓу трети и четврти. Кога ќе го заглавев лифтот, божем случајно, само ќе се стаписаше, ќе ги ококореше очите и повторуваше:

„Жити мајка, жити мајка, жити мајка…“

Посетено 3.070 пати