Игор Џамбазов: 15 април (Извадок од книгата „Приказни од Мјаукедонија“)

– Извадок од книгата „Приказни од Мјаукедонија“

15 април

Цело претпладне го прележав. Некаква заразна мрза ме имаше префатено од Сопственикот. За него пролетта се уште не е дојдена. Ама како да не е ни добредојдена. Двајцата бевме летаргични, како последица од бавното будење од нервозниот и напнат зимски сон.

Слушнав гласови однадвор. Ми личеше на кавга на двајца хомо-сапиенси. Застанав на мојот омилен прозорец. Мојот прозорец кон светот. И бев во право. Неколку хомо-сапиенси се собрале околу контејнерите и се расправаат на мртво име и презиме. Кавга за територија. исто како и кај нас, мачките.

Вие, драги мои не знаете ни да се карате. И тука сме слични. Кога ќе почне кавгата, тогаш сите одеднаш, во ист глас почнуваат викаат. Зошто мислите дека ако викате, подобро ќе ве разберат оние на кои им викате?

Значи, две улични банди во борба за превласт на нашиот контејнер. И двете банди се со коњски запреги на кои има по една жена, едно дете и по нив трча едно куче. Е кога сите овие набројани ќе се вклучат во кавгата, настанува општа какофонија. На крајот, тие што многу повеќе викаа и поенергично мафтаа со своите екстримитети беа победници. Од денес тие се господари на смрдеата. Оние другиве својата среќа ќе ја бараат на некоја друга улица, во друго маало, на некој друг контејнер.

Значи не знам што ќе се прави со Вас, нервозни и гладни мои хомо-сапиенси. Мислев дека повеќе ќе се почитуваме. Дека се уште си го имаме меѓусебното уважување, кооперативност, и билатерална соработка. Мислев дека имаме џентламентски договор дека контејнерите ни припаѓаат нам, и точка. Мислев дека тоа е само наша територија. Дека имаме ексклузивно право на неа.

И не за џабе, една од модерните мачешки раси, создадена во минатиот век, која во исто време е и најбројна кај нас се вика Мјаукедонска улична мачка – Контејнерка.

Посетено 322 пати