Земјотресот носи силни трауми со себе и со децении подоцна, оваа скопска приказна е вистински доказ за тоа!

Најчесто, сите знаеме да се пошегуваме на сметка на земјотресите односно како сме се почувствувале додека не лулал. Некој ќе го спореди со ламбада, друг ќе си го поистоветува со некој сексуален чин, трет ќе се пожали дека не можел на раат да спие, четрт ќе се пофали дека ништо не почувствувал… И се’ тоа знае да биде мошне интересно се’ до оној момент кога ќе сфатиш дека оној од местото на епицентарот сосема поинаку го доживеал настанот.

Не со проспиена ЕДНА ноќ, туку со години непроспиени ноќи… една од тие вистински приказни е и сторијата на фудбалската жива легенда Кочо Димитриевски, кој во една прилика ни ја раскажа и истата можете да ја прочитате ОВДЕ.

Оваа негова лична состојба како што ни појасни популарниот Патка се должи на драматичната ноќ во далечната 1963 година, кога на нашиот главен град му се случи трагичниот скопски земјотрес.

– Таа ноќ нема никогаш да ја заборавам. Бев во мојот дом во скопската населба Бирарија, со моите најблиски како младо тринаесетгодишно момче, кога наеднаш се почна силно да се тресе. Благодарение на присебноста на моите родители успеавме да излеземе надвор во дворот од куќата, меѓутоа силните потреси и неподносливиот звук нешто подоцна си го направија своето, а јас цели дваесет години останав без ноќен сон, вели Димитровски.

За негова среќа, личниот кошмар му заврши по цели дваесет години, а несекојдневната состојба остана во историјата и за неа како за феномен ќе се зборува само во ретки моменти кога Димитровски ќе сака да се потсети на своето огромно и богато фудбалско минато.

И деновиве, кога се соочуваме со огромната катастрофална несреќа која ја стрефи Албанија, кога трагедиите се нижат една по друга, се’ што е потребно е да се држиме сплотени и да помогнеме колку што можеме.

Многумина понудија смештај за семејствата кои останаа на улица без кров над глава, други пат се спремни да тргнат во Албанија за да однесат храна и облека, трети неуморно донираат преку отворените броеви за помош. Сечија помош е добредојдена во овие моменти, но би било одлично кога неумесните коментари би ги оставиле на страна. Бидејќи, трагедијата не треба да не’ раздвои, туку напротив, да не’ сплоти.

Бројката на загинати се искачи на 29 жртви и над 650 повредени, а во Албанија е прогласена вондредна состојба.

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 2.870 пати