Раните се лечат, но носат трајни последици! Свесни ли сте што може едно дете да му направи на друго?

Хелоу!

Апропо текстот од вчера за кој наведов дека не е мој, ги замолувам родителите да прочитаат малку повеќе за синдромот на селективна немост и би им го препорачала следново: „Воспитајте ги децата правилно за да не биде после „не сам знајала“ синдроми кои можат да предизвикаат сериозни последици кај децата кои трпат школски булинг.“ Исто така и до просветителите: „Професори и наставници, прочитајте го и следниот пат кога ќе забележите некаква ситуација, реагирајте построго.“

А, сега можам да преминам на главното… Ќе зборувам за мојот проблем односно од синоќа дознав дека мојата состојба на одземање глас и немоќ за говор во одредени ситуации има име. Пааа, ајде да почнеме. Мојата селективна немост е проследена од мојата срамежливост и социјална анксизност. За анксиозноста исто така дознав пред 4 години кога мојот Емил ми укажа дека она што јас го чувствувам има име и од него патат уште милиони други. Колку и да ми олесна, толку и ми отежна. Имав проблем за соочување. А, како старееш така потешко се вклопуваш меѓу луѓе, особено кога си свесен за својата состојба. Би било лудо да споредувам што би било – кога би било, но можеби и само можеби нештата ќе беа подобри доколку школскиот образовен систем ги казнуваше оние кои малтретираа другите со разни навреди и пакости. Можеби исто така, нештата ќе беа подобри ако не морав да сретам монструми во детско тело кои мислеа дека закачањето е сосема нормално. Патем, се’ појасно ви станува кога гледате разни случки на булинг… јас бога молам да не дојде до тоа. Нема потреба, нема апсолутна потреба ситуацијата да ескалира до таа мера. Зошто? Затоа што некои луѓе успеваат од најнежните суштества да направат монструми кои уживаат да нанесуваат болка кај другите деца.

Навреди за презимето, навреди за тежината, навреди за убавината, навреди за срамежливоста, навреди за умот, навреди за слухот, навреди за видот, навреди за здивот, навреди за ова-навреди за она. Мене ми е нависина доста! Кога и да се најдете во ситуација да ви извреѓаат се’ по список, дури и тоа што нема смисла, тогаш сфаќате колку ТИЕ СЕ НЕМОЌНИ, но камо да знаев да проценам тогаш од таа дистанца. Тогаш бев дете и се’ уште во некои моменти знам да се потценам себеси до таа мера што емотивно се распрснувам на сите страни. Плачам и ме болат градите, тешко земам воздишка и добивам налив на бурни емоции кои велат да се откажам. И тогаш тука негде, од нигде никаде, ќе се појави срцето да си каже по некој збор: Не плаши се, вели, можеш. Можеше пред 15 години, можеш и сега.

Можам, велам, можам. Па, се кревам на нозе и продолжувам. Мојата борба не застанува тука. За мене ќе речат дека сум „тивка вода која брег рони“. Не, јас сум јас. Јас и таа што е гласна, и таа што е страсна, и таа што лудува, и таа што мудрува. И таа што сака да се вклопи, и таа што сака да биде самостојна. И таа што сака да смее и да пее гласно, и таа што ужива во тишината. Јас сум таа. Но, само некој пат доаѓам до експлозија и тогаш се губам. Тогаш го вадам од мене ѕверот кој се крие некаде под моите плеќи. А, знаете како му е на ѕвер во кафез нели? Исто ми е и на мене… кога преќутувам 1001 ситуација и продолжувам.

Сега не се соочувам со деца, сега се соочувам со искомплексирани возрасни луѓе. Некои го прават тоа зад грб, некои директно в лице. Оние в лице ми ја тренираат издржливоста колку убоди од ножеви можам да примам. Можам… ох… можам многу ножеви да примам. Некои засекогаш оставаат ситен метал врз моите плешки. Грд спомен кој ќе си го носам до крајот на животот.

Мојата насмевка е мојата светост, а некој ја потцени и навреди. Еве ви класичен пример.

Аларм. За мене таа личност веќе не е личност, само иксомплексираност во тело на човек. Маса искомплексираност.

Како е можно да ти смета туѓата среќа и убаво расположение? Како може да ви смета туѓата финоќа и култура? Може, може… на контрашите се’ им смета. Епа персоно моја друга, не ме повреди. Само ме тргна. Доволно е…

И нејсе, колумната отиде во долг правец, а не сакав. Но пусто срце, па вели: кажи си што си имаш на душа… Еве кажувам, велам. Сакам да ви порачам дека јас ги излечив моите рани, но мојата анксиозност остана. Јас не можам да се вклопам во друштвото ако не бидам сфатена.

Јас никогаш нема да дозволам моето дете да се поигра со судбината на некое друго, не дозволувајте ни вие. Бидејќи ќе создадете искомплексирано створење кое ќе продолжи да повредува недолжни луѓе да си го задоволи егото.

А знаете што, никој не ги сака таквите. Одвратни се. Ќе останат сами во својата самотија…. а, секој за своето дете го сака најдоброто. Затоа направете го подобар човек кој ќе прави горди!

Марија Прличкова

Посетено 3.376 пати