„Моето име е Марла“ е еден вид пародија на сите американски романчиња полни со клишеа

Во време кога има сѐ повеќе писатели, а сѐ помалку вистински читатели кои знаат да ја ценат правата вредност на книгите, можеби е мошне тешко да пробаш да се издвоиш од толпата, како што се реши на тој чекор, нашата Марија Прличкова – Маци.

Маци е писателка, која е позната или помалку позната по својата книга „Марла“, која овој пат доаѓа во вид на римејк насловен како „Моето име е Марла“ после речиси 5 години. Маци реши да му даде нова и освежена содржина, каде главната хероината од Чикаго удира уште посилно и посамуверено од претходно.

Всушност, Маци прави испреплетување на двата романи, новиот со стариот… така што некои од главните ликови се задржани, додека други се сосема променети. Но, она што е интересно е што во римејкот за прв пат се појавува полемиката околу семејното насилство и сите видови и поткатегории на поимот „насилство во врска“.

А, за да ве доближме малку повеќе до Маци и нејзината „Марла“, направивме мало интервју…

Која е Марија Прличкова?

– Вечно дете со уметничка душа кое незапирливо трага по смислата на животот, и пред сé писател во најава, велам најава бидејќи сметам дека уште многу време треба да се искалемам дур да станам писател во вистинската смисла на зборот.

Која е Марла?

– Марла е, всушност, една млада девојка од Чикаго, која ги раскажува своите секојдневни доживувања преку водењето на сопствен дневник.

Дали сметаш дека претходната книга го поситгна успехот кој го посакуваше за неа?

– Секако дека секоја мајка за своето чедо го посакува најдоброто, па така и јас за мојата книга. Како самоиздадена книга односно како самоиздавач сум многу среќна и благодарна што успеав да ги распродадам речиси сите примероци, останаа само неколку… „Марла“ постигна голема популарност, иако на располагање ја имав само фан-страната на фејсбук на самиот почеток како маркетинг. Немав никаква допирна точка со новинарите, за потоа да почнат да пројавуваат желба да ме има во некој од нивните медиуми. Нашинци во Америка, Австралија и Азија беа заинтересирани за неа… не можев да си поверувам на очите дека е вистина…

Тогаш, зошто се одлучи на римејк?

– Токму тој успех ме мотивираше да напишам продолжение… Посакав да имам зад себе издавачка куќа, бидејќи самоиздаваштвото умее да биде тешко. Многумина од градовите низ Македонија останаа со „празни раце“, бидејќи Марла ја има само на едно продажно место, кафичот Меднес, во Скопје. Разговарав со стручни лица од оваа област за продолжението и тие ме насочија кон римејк и така настана старо-новата книга насловена како „Моето име е Марла“…

Дали се соочи можеби со несакани последици од првото издание? Сепак живееме во конзервативно општество, се’ уште…

– Од самиот старт бев спремна дека ќе ги негативни коментари и реакции, мислам со оглед на какво општество живееме. По природа сум авантурист, обожавам предизвици. А, токму „Марла“ е можеби најголемиот мој предизвик досега. Се соочив со многу „незгодни“ прашања, ме трачареа дури и на твитер, ме „исмејаваа“ и на форум… Но, тоа не ме запре да го направам римејкот, всушност, луѓето имаат усти за зборење, зарем не?

Колку созреа ликот на Маци и на Марла од првото до второто издание?

– Писателот со секое дело, станува сѐ поискусен, повнимателен, знае што сака читателска публика, ги избегнува грешките од претходно, избегнува да биде здодевен… Со еден начин писателот нон-стоп се надградува. Така и јас, доста многу созреав од првото до второто, учам од грешките кои сум ги направила во претходното издание и со гордост можам да кажам дека се обидувам да се надминам себеси во новиот освежен роман. Што се однесува до ликот на Марла, и нејзе ја „созреав“ на некој начин. Мислам тоа се подразбира, зар не?

Дали има дел од тебе и од твојот приватен живот во „Моето име е Марла“?

– Искрено од мојот приватен живот нема сочни детали, но дел од мене секако дека има, а тоа е во вид на мислења за некои конкретни теми и ситуации односно како јас би се справила во некоја од нив. Другото е сé моја лична имагинација и фантазија.

Во твојот роман, главната хероина е од Чикаго. Зошто баш Америка?

– „Моето име е Марла“ е еден вид пародија на сите американски романчиња полни со клишеа. Некаква груба пародија. Марла не е роб на нечиви фетиши, не е роб на нечиви фрустрации. Она што го прави Марла е во заемна врска со нејзиниот партнер. Како што всушност, секоја девојка и се чувствува. Повторно велам, нема потреба од никакви клишеа. Она што ѝ се случува на Марла, им се случува на многу девојки. Од преземање на дечко од страна на другарка, до изневерување и манипулирање. Доста беше мачкање на очи. Време е за соочување со реалноста.

Кому најмногу ја посветувате книгата?

– На жените… од проста причина што говорам за семејното насилство (психичко и физичко), со цел да ги спречам од можниот лош брак, на време.

Кога сме веќе кај насилството, што се подразбира под тоа?

– Според мене, насилство може да се сретне во две форми – психичко и физичко малтретирање. Што би значело дека ниту една жена не треба, не смее да дозволи ниту еден маж да ја понижува, навредува, омаловажува и најстрашното од сè – да ѝ нанесува телесни повреди. Иако, не смее да се занемари фактот дека психичкото малтретирање, пак, остави длабоки трауми и отвора огромни душевни рани.

Што ти поттикна да се посветиш на оваа тема?

– Отсекогаш сум била борец за човекови права, особено за правата на жените. Редно е да се стави прст на чело и крај на токсичната врска која води кон катастрофален брак. Со римејкот, сакам да објаснам дека насилството може да се спречи по првиот негов симптом односно да се прекине. А исто така, сакам да пренесам со оваа книга дека жените треба внимаваат со кого воопшто стапуваат во врска, а подоцна и брак.

„Моето име е Марла“ ќе ги обработува аспектите на жена која трпи насилство. Какво точно насилство ќе биде направено врз неа?

– Марла во суштина нема да биде главната потенцијална жртва на насилството, туку ќе се обиде да им помогне индиректно на жените кои се во неволја преку виртуелна мрежа на интернет. Така што во овој случај Марла е хероина во буквална смисла на зборот. Кога станува збор за видот на насилство, би напомнала дека се работи за психичко и физичко малтретирање.

Воведот за книгата, можете да го прочитате ОВДЕ

*интервјуто е спој од неколку различни претходни интервју за неколку различни портали 🙂

Посетено 1.159 пати