Кога ли го изгубивме човечкото во себе! Приказна која ќе ве замисли, па можеби и расплаче!

Сендвичара, Аеродром, дождливо, некаде после 17.30ч, врволешница од луѓе, млади, жени, деца… и еден дедо, онака срамежливо на страна. На возраст околу 65-67 години, во стара, излитена облека…

Ми ѕвони мобилниот, застанувам и кратко зборувам. Додека зборувам го гледам дедото. Претура по џебовите, и од сите вади по некоја ситна паричка. Внимателно ги става на дланка и ги брои. Се повеќе врне дожд, тој како и да не го забележува, внесен да изброи дали има доволно парички за она што сака да го купи. Застанува на ред и љубезно ѝ кажува на продавачката нешто.

Продавачката му вели дека нема доволно пари. Околу него, многу луѓе и сите слушаат и гледаат. Го гледаат онака под око, нервозно. Никој не реагира. Тој гледа молчеливо, раката му се тресе.

Еден го избутка со зборовите: „Стари, ај не сметај, кога немаш пари!“.

Човекот тажен, се повлече… Стои и гледа.

Боже, гледам и јас! Си велам, кога ли го изгубивме човечкото во себе!

Одам до продавачката и ја прашувам љубезно, но авторитетно, што побара дедото. Таа ме погледна и љубезно ми кажува: „Секој ден исто, мал тост со растителен кашкавал. Ја замолив да ми припреми голем тост со млечен кашкавал. Не земав друго од две причини. Првата, немав многу пари во себе за жал, втората, не сакав да го навредам и не знаев дали смее да јаде било каква салама или друго сувомеснато. Земав и сок.

Дедото стоеше се’ уште на страна, полузавртен кон мене со насолзени очи. Му пријдов, се извинив и му го дадов тостот и сокот.

Човекот ме гледа, вцудоневиден, збунет. Вели: „Не Ве познавам, зошто ми купивте тост?“

Велам: „Видов дека немате во моменот доволно пари, сакав да Ви купам.“

Тој ме гледа, раката уште повеќе му се тресе, мене душата ми се стега. Очите му беа полни со солзи.

„Не плацете ве молам“, му велам, а тој ги вади ситните пари и ми ги дава, извинувајќи се дека нема доволно.

Стојам и умирам одвнатре. Колку чесна и чиста душа.

„Земи ќерко, и не плачам, тоа од дождот е.“

„Не, не“, му велам. „Чувај ги за утре, те молам.“ И во јакната му буткам плус некоја паричка.

Ме гледа и ми вели: „Благодарам, ќерко! Жива и здрава да си ми“. Ми посака убава вечер и полумокар се изгуби во темнината.

Одам кон дома и плачам. Колку достоинствен човек, со чист образ. А сите го избегнуваа! Зошто? Зошто е сиромав? Се’ пострашни сме, се’ поголеми ѕверови и нелуѓе!

Не можам да го игнорирам фактот дека се’ повеќе луѓе се отуѓуваат едни од други, негуваат лоши, негативни емоции и особини едни кон други. А животот е еден и многу вреден.

После оваа случка, се’ ми помина низ главата што имам преживеано.

Луѓе, славете го животот, сакајте се, почитувајте се, простувајте. Живитот е краток, само моментите се наши! 😘

П.С Нит сум идеална, нит безгрешна, само се надевам и ќе се потрудам колку можам да останам човечна…

Меланија Ристовиќ

Посетено 7.585 пати