Искрено со Ивана Јанева, авторка на романот „Зборовите на безгласната девојка“

Кажи ни нешто за себе, која е всушност, Ивана Јанева?

– Родена сум на 19.07.1988 година во Скопје, а живеам и творам во Пробиштип. Студент сум на Филолошки факултет при УГД – англиски јазик и книжевност.

Сум учествувала и учествувам во разни драмски секции, конкурси и литературни натпревари. Во 2014 година создавам своја ФБ фан страна “Зборовите на безгласната девојка” каде до сега брои над 7.000 следбеници. Во тек е публикацијата на првото дело “Зборовите на безгласната девојка”.

Кога прв пат се сретна со пишаниот збор, дали имаше некој писател/поет кој те инспирираше да пробаш да напишеш и нешто свое?

– Пишувам веќе 2 децении. Искрено, на почетоците и немав некој идол (писател или поет) како инспирација освен неизмерната поддршка на баба ми која беше наставник по македонски јазик и литература и на тогашната наставничка по македонски јазик и литература. Тие ја препознаа мојата дарба и ми помогнаа да ја изградувам.

Од кога точно датира твојата љубов кон пишувањето и како започна твојата приказна со него?

– Хартијата трпи се, зарем не? Пасијата кон пишувањето ми се раѓа уште во основно образование. Уф, како започна се… па не можам точно да се сетам. Веројатно со контролните писмени работи, бидејќи никогаш претходно не се припремав. Ја читам темата и БУМ! Текстот е тука.

Каква тематика одработува твојот роман?

– Тематиката е од се она што ме опкружува. Предмети, луѓе, настани, чувства. И не станува збор за класичен роман, ниту за раскази бидејќи зад овие кратки текстови се кријат зборови, безгласни пораки кои вриштат од дно на душа.

Зошто баш „Зборовите на безгласната девојка“, дали стои некаква приказна зад тоа?

– Хмм, да. Има приказна секако. Никој уметник не е без приказна.

Ова прашање ми го имаат поставено околу илјада пати. И нема да одговорам. Оставам моите безгласни зборови да го направат своето. Да треперат во душата на читателот. Оној кој ќе ги разбере зборовите, ќе ја осети моќта на безгласноста.

Од каде ја црпеше инспирацијата за романот, а и воопшто?

– Инспирацијата ја црпам од својот, од животот на блиските, но и од луѓе кои се попатни странци. Јас сум емпат. Човек кој лесно може да ги почувствува туѓите емоции, а уште полесно да допре до душата на читателот. Улогите што ги креирам не се јас. Дел од мене се: авантурист, дете, романтичар, воин, принцеза, херој, маж, волшебник, чудак, жена, пријател. Тоа се улоги што ги кријам. Улоги кои сакам да ги играм. Улоги кои сум ги играла и кои допрва ќе ги играм. Секоја моја приказна е базирана на делумна вистина. Вашата.

Каков жанр на романи ти лежи да пишуваш и дали имаш некој идол од истиот?

– Ова дело ми е “лајт”. Дека прво. Искрено, се пронаоѓам во трилери, мистерии и крими романи. Омилен писател дефинитивно ми е Гиом Мисо, па Ден Браун и Тес Геритсен.

Дали сметаш дека нашата публика знае да процени „свежо месо“ и колку си задоволна од досегашниот успех?

– Дефинитивно да, знаат да проценат. Презадоволна сум. Не очекував дека толку добро ќе бидам прифатена. Е сега… има и критики секако. Ако немам критики значи нештото не го правам добро.

Дел од читателите сметаат дека моите текстови се строго од љубовен карактер ама ако се толкува под површината, ќе се забележи нешто друго.

Кога би имала можност да имаш писател-тутор, кој би го избрала и зошто?

– Кога би имала можност, би го бирала Мисо. Всушност, тој и до некаде и ми е т.н духовен тутор. Зошто? Во неговата последна книга “Тајниот живот на писателите” убаво е објаснето што се е потребно да се стане писател. Оние што ја прочитале книгата ме сфаќаат што сакам да кажам.

Ако не беше писателка, дали ќе имаше некое друго хоби, или веќе имаш покрај пишувањето?

– Ако не бев писателка, би била… хмм, фотограф веројатно. Имам сенс и за тоа.

Нешто вон писателствувањето, дали би живеела негде надвор од Македонија и каде? Односно каде е твојата дестинација за живеење од соништата?

– Италија! Земја каде виното е магија, тесните улички имаат мистерија и место каде се осеќа неверојатниот мирис на еспресо во комбинација со тирамису.

Посетено 1.371 пати