Денес мечтаам за одмор. Не мрзелив, не егзотичен, не далечен, туку наједноставен одмор

Денес мечтаам за одмор. Не мрзелив, не егзотичен, не далечен, туку наједноставен одмор.

Не го сакам „луксузот“ во спа хотелите. За мене тоа не е луксуз, тоа е мачење. Некои луѓе така се релаксираат, за некои луѓе тоа е комфорт. Не им судам, ама мене тоа ме напнува. Нема да навлегувам во детали, како и зошто, но тоа не е мојот начин на опуштање и бегање од секојдневието. Вие, што го сакате тоа – продолжете, сепак секој треба да ги прави нештата кои го прават среќен!

Денес мечтаам за камин. За мала куќарка. Не сум сигурна дали ја сакам на еден или на двата спрата, но со сигурност ја сакам со двор и широк видик однапред. Да се гледа планината баш баш цела. Околу куќата да има дрвена ограда, а напред да стои една голема железна порта, која се заклучува со синџир замотан околу еден од двата столба. Сакам да има навеано многу снег, за да ја почувствувам топлината на разгорените дрва, додека набљудувам како се трупа снегот надвор.

Сакам да пристигнам таму, по долга и тешка работна недела. Каков умор, каков студ? Не чувствувам ништо такво. Се чувствувам полна со ентузијазам и енергија. И дека можам да ги правам нештата кои ги сакам, кога сакам.

Сакам да се симнам по темните скали на таа куќа, водејќи ме надолу кон визбата, каде се скрило едно буренце полно со црвена течност. Го сакам овој период најмногу заради дружењето со оваа течност. На летото не и стои воопшто. Таа црвена боја ми носи насладување. На сетилата, на непцето и на срцето. Магија! Совршенство! Знаев дека убавите нешта секогаш се скриени некаде длабоко и се покриени од темнина.

Потоа да се приберам во соба. Да фрлам уште некое дрво во каминот. Од целата куќа да мириса на штотуку печен леб и портокали. Да се слуша мелодија на блуз. Да седнам на удобниот голем кревет и да ги разлистам страниците на омилената моја книга. Или ништо да не разлистувам. Да молчам и да слушам. Блузот или пуцкањето на огнот.

Да е тивко.
Да не брзам.
Да не чекам.
Да вее.
Да е меко.
Да е топло.
Да сум жива.
Да сум дома.
Да, сега тоа е најважно…
ДА СУМ ДОМА!

Ivana Ivanchy

Посетено 1.353 пати