Има едни луѓе – прибежишта. Секогаш кога ти е тешко, помислуваш на нив – Драган Таневски

Има едни луѓе – прибежишта. Секогаш кога ти е тешко, помислуваш на нив. Си приметил како секогаш имаат време за тебе? Ќе те слушаат со саати и нема во ниеден момент да осетиш дека си им досаден или дека си им на товар.

Немаат многу зборови. Ниту многу совети. Не кажуваат километарски лекции. Не ти набиваат чувство на вина. Не го кажуваат она моронското: „Нели ти реков…“. Не, немаат такви нешта.

Имаат само едни огромни души што ти ја упиваат секоја тежина. Кога ќе те заплетка животот во гордиев чвор, се тркалаш накај нив целиот таков заплеткан и ќе им се истресеш пред нозе очекувајќи со еден потег да те отплеткаат. И обично го прават баш тоа. И после ќе се радуваат кога ќе те гледаат како потскокнуваш слободен и среќен.

Зошто се толку посебни тие луѓе? Зошто се толку лековити? Не е едноставно да се одговори во една реченица. Но суштината е следнава – да се биде човек, тоа е улога доделена лично од Творецот.

И постојат ете некои кои сериозно си ја сфаќаат.

Некој бил човек кон нив, ги научил како треба и сега тие го продолжуваат занаетот. Нема тука дипломи. Нема магистратури и докторати. Нема учење од книги. Нема скапи реквизити и инструменти. Само користење на најосновните алатки кои сите ги имаме – очите – да плачат. Ушите – да слушаат. Усните – да бубнат кај што боли. Рацете – да гушнат дур не помине.

И доаѓаат така едни моменти кога од душа ќе ни се откине едно: „Што би правел јас без тебе?“

Драган Таневски

Посетено 1.446 пати