Радувај се Македонијо, радувај се земјо на медот! Освоивме златни статуетки на срцата!
Изминаа Оскарите, измина 92. издание на најпрестижниот филмски фестивал… а, нашата Македонија и „Медената земја“ испиша историја влегувајќи со две номинации и тоа за најдобар документарец и најдобар интернационален филм.
Уште кога дознавме дека сме номинирани, започна еуфоријата и траеше се’ до ноќеска. Но, таа се’ уште трае. Дел од публиката со право разочарани, дел среќни, дел неутрални, а дел еуфорични што доспеавме дури до таму.
Каде сум јас во оваа категорија? Јас сум во најсреќните!
Оскарот е само статуетка, на крајот од денот, до пред некои си 4 години Леонардо Ди Каприо, славниот Џејк од „Титаник“ доби за прв пат во животот Оскар! Дали Лео стана поголем или полош актер по добивањето на Оскарот? Не. Тој веќе ги имаше освоено срцата на обожавателите уште многу пред Оскарите…
Оскар не добил ниту Џим Кери, еве ви се верува ли за него? Па, колку комедии и посериозни филмови би изгубиле секаква смисла да не беше тој? Веројатно, секој/а од нив.
Џејмс Дин, Салма Хајек, Мишел Фајфер, Бредли Купер, Мерилин Монро, Скарлет Јохансон, Кирк Даглас и многу други познати и не толку познати фацки. Можете да ги видите тука.
И ќе речете, а бе добро, глумци се… ама знаете ли колку филмови останале без номинација за Оскар?
Еве некои од нив: Големиот Лебовски; Дони Дарко; Добриот, лошиот и грдиот; Американски психо; Инсомнија, Сјаење, Зодијак… и ова е листата е долга и може да се погледне на истиот сајт.
Муабетот ми беше, тимот на Медена земја можеби ќе се вратат празни во рацете, но полни во душите и срцата. Нема да стои во биографијата на филмот дека освоил, но дека бил номиниран и тоа е сосема во ред. Ние повторно ќе бидеме пауни и ќе бидеме горди што одекна името Македонија среде Холивуд.
Светот слушна за нас, Македонија е на трендиг последнава недела… Гордеј се Македонијо, гордеј се земјо на медот!
©majkatiitatkoti.com Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира