Егзодус – Калина Коси
[fblike]
На скопскиот аеродром пред лифтот за накај гејтовите, со пријателка која работи на аеродромот подзастанав, случајно се видовме… Од лево дечко и девојка се гушкаат и милуваат како да се гледаат за последен пат. Како со лепак залепени, да си помислиш – Боже, како ли ќе се одвојат?! Од десно, расплакано девојче се поздравува најверојатно со нејзините… две постари жени и еден маж. Тој, таткото претпоставувам… со солзи во очите ја вртеше главата настрана за да не го забележат дека плаче… најверојатно за да не ги дорасплаче, доутепа. Се трудеше сиротиот, не додржа, не успеа. Знаев, не заминуваат на кратко патување, оти ако така беше, чуму толку солзи? Разделби беа тоа, од оние кои болат… кога се заминува на долго и неизвесно патување… од оние со кои се заминува од Македонија…
„Тажно“, ѝ велам на пријателкава… очите ми се насолзија. А таа ми одговара: „Јас веќе отрпнав, истиве слики секој ден ги гледам…“
Ќе ги видат ли конечно тие слики оние кои треба да ги видат? Некогаш? Некој? Ќе се најде ли таков што ќе го ублажи егзодусот на младите од државава од која ни бегаат како од пекол? Или само немо ќе набљудуваме и ќе се празниме… еден по еден… се додека не се претвориме во пустелија, во држава на старци, во Старски дом Македонија?! 🙁
Посетено 3.012 пати