Не научивме и не научивме!
На народов наш напатен не му треба бесплатна автобуска карта, лекување во бања, компјутер, зимување или летување! Оти тоа е етикета! Тоа е милостина! Како не разбирате?
[fblike]
Старите не сакаат да се возат во автобус само во вторник и петок, кога сите попреку ги гледаат, кога сите ги пцујат! Не сакаат да се маткаат по институции, да аплицираат со документи и да чекаат додека не дојдат на ред да одат во бања! Децата не сакаат да одат на бесплатно зимување во автобус полн со исто такви обележани деца кои ги снимате и сликате за да се пофалите дека сте им помогнале како социјални случаи! Студентите не сакаат компјутери кои некој друг им ги избрал! Возрасните не сакаат субвенции за летување, зошто тоа за нив е само потсетување дека во толку бедна ситуација се нашле што дошло ред државата летување да им плаќа!
Народов сака повисоки плати и пензии! Многу повисоки! Доволно високи за да може стариот човек да се вози во автобус кога и да посака! За да може детето да оди на зимување без да се крие, без да биде обележано како сиромашно и исмејувано од другарчињата затоа што е такво! За да може студентот самиот компјутер да си избере и да каже – лично јас, со свој труд, со работа, си го заработив и си го купив! За да може возрасниот самиот да си отиде на летување со кого сака, кога сака и каде сака, а не таму каде што вие ќе го испратите!
Ова се толку обични, толку едноставни работи… Се работи за нарушување на основното право на човекот, прво – да има достоинствен приход, и второ – со свои приходи, да си прави сопствени избори, да си носи свои животни одлуки и со ништо да не зависи од вас! Не, тоа што вие го правите не е помош, не е зајакнување, не е оспособување. Тоа е површно, плитко и мизерно подмитување и додворување, а длабински, во сржта и до срж – осакатување! Бањата, компјутерот, одморот, поклонети како милостина, само затоа што некој ги ставил овие луѓе во категорија на загрозени… тоа ќе бидат кошмари од времето на немаштија од кои тие луѓе некогаш ќе се срамат, а не спомени кои си ги изградиле сами… на кои ќе се гордеат! Мене навистина не ми е јасно како не разбирате, дека луѓето на ваков начин ги жигосувате!?
Посетено 1.380 пати