За оние кои го споменуваат моето директорско место во врска со постот “Како го поминаф летниот распус”
Мојот пост “Како го поминаф летниот распус” наиде на голем интерес кај ФБ пријателите. Додека го пишувам ова, постот има над две илјади и двеста лајкувања, двеста коментари и сто триесет и шест шернувања. Но како што е ред имаше и пет-шест луѓе на кои постот им се виде политички, вулгарен, потсмешлив,недостоен и некомичен. Еве уште еден состав кој ќе ги задоволи и нивните вкусови.
А за оние кои го споменуваат моето директорско место во врска со постот, ќе им одговорам вака: Директорите се менуваат но јас цел живот ќе останам Драган Спасов Дац.
[fblike]
Како го поминав летниот распуст
Мојот летен распуст го поминав на неколку дестинации низ светот.
Прво бевме десет дена во Париз, иако бевме и лани но Од Париз никогаш доста. Повторно го видов Лувр и навистина сум воодушевен од “Мона Лиза”, минатиот пат не можев долго да заспијам од моќта на самиот израз кој Давинчи го насликал во своето дело. Едноставно прекрасно.
Потоа отидовме со мама, тато, бато, Мојот чичко Вангел, стрина ми Љупка и мојата прекрасна баба на Малдиви. Највеќе се смеевме кога тато и чичо Вангел се натпреваруваа со јахтите, кој помал круг ќе направи во водата. Сепак јахтата на чичко Вангел е помала од нашата и секогаш тој ги правеше помалите лакови. Нашата е триесет и три метри а неговата е дваесет и осум.
Капењето беше прекрасно на отворениот океан а потоа не чекаше убав ручек што го спремаа нашите вработени. Обично јадевме јастози, сабљарки и ајкули.
Потоа тато и чичко Вангел ќе запалеа пури и ќе се напиеа по чашка шанпанско. Раскажуваа за своите бизниси а јас и брат ми ги слушавме со внимание. Брат ми е мал па мора да го чува гувернантка а баба, мама и стрина играа бриџ.
Лектирите ги прочитав сите на својот ајпад и сега сум спремен за второ одделение.
Заборавив да напишам дека бевме и до Лондон каде што тато е член на Ротари клубот.
Јас навистина прекрасно го поминав летниот распуст.
Посетено 4.178 пати