Изгаснати огнови
– Не постои албански и македонски леб. Постои бел леб за сиромашните, постои грахам, ‘ржан, интегрален со семки од јаткасти плодови за богатите. Такви лебови постојат! Или ќе си го уништиш здравјето јадејќи го, или ќе бидеш здрав како дрен!
[fblike]
– Не постои албанска и македонска плата. Постои плата под минималната за работниците во текстилната индустрија, постои мизерна плата за работниците во фабриките на странските инвеститори, постои плата која ја заработуваш одејќи секојдневно на работа и плата која ти стига на сметка секој месец додека ти си седиш дома. Такви плати постојат! Поради кои или уживаш или полека умираш!
– Не постои албанска и македонска куќа. Пости куќа со едвам една соба, кров кој прокиснува, ѕидови изгризани од штетници и влага, и постои куќа со единаесет соби, со базен на кровот, и ѕидови зад кои се кријат раскошни богатства и рајски градини. Такви куќи постојат! Во едната си бедник, во другата бог!
– Не постојат албански и македонски болни дечиња! Постојат дечиња кои се лекуваат во јавно здравство, кои умираат од банални болести кои некој неук лекар ги занемарил, од тешки дијагнози за кои немало пари за лекување во странство, и дечиња кои се лекуваат во приватни болници, во врвни услови и од страна на најдобрите лекари. Такви дечиња постојат! На првите им е одземена, на вторите им е дадена шанса за живот!
– Не постои албански и македонски човек. Постои само човек! Постои Албанец кој го почитуваш повеќе од Македонец не затоа што е Албанец, туку затоа што е совесен, чесен и добар, едноставно затоа што е човек, и Македонец кој го почитуваш повеќе од Албанец од истите причини, а не затоа што е Македонец. Такви луѓе постојат! Или си човек или не си!
Само тие разлики ги гледам и прифаќам. И многу луѓе околу мене кои размислуваат слично. А некој се обидува да ни го замати погледот, зошто им гори под нозете. Некој се обидува да не натера да гледаме црно-бело, иако живееме во шарено општество. Ни туткаат под нос некаква си измислена етничка омраза, зошто сакаат само неа да ја гледаме. Се обидуваат деновиве дури и да ја исценираат со тепачките меѓу деца Македонци и Албанци кои ако сте забележале се „мразат“ наменски, само кога ним тоа ќе им затреба. Епа нема да може. Не поминува веќе. Знам, верувам, убедена сум дека поголемиот дел од граѓаните на Македонија одамна ја надраснале онаа фаза кога политичарите не’ играа на националистичката карта, а ние се палевме… и губевме… и едните, и другите.
Нема повеќе. Созреавме. Дојде време да ги држиме очите широко отворени и да не им даваме на забеганите политичари дрвца за потпалка на одамна изгаснати огнови. За да не изгориме. И едните, и другите. Оти не постои албански и македонски оган. Постои само оган чија стихија не прашува за етникуми, кога ќе се разгори. Тој е слеп, за него сме сите исти. И подеднакво пече и боли!
Посетено 15.300 пати