Барај повеќе!

baraj-poveke-naslovna_majkatiitatkoti
– Ако си студент, ако живееш во руиниран студентски дом без парно во кој се смрзнуваш и во кој немаш услови ни да се избањаш како човек, ако секогаш ги фотокопираш книгите зошто немаш пари да си ги купиш, ако преживуваш со зимница што ти ја испраќа мајка ти или со џепарац од кој немаш ни за кафе во студентското бифе, кој ти го дава татко ти… Не се задоволувај со ваучер за компјутер. Барај повеќе!
– Ако си штотуку дипломиран, ако бараш работа и не можеш да најдеш, ако на крајот разочаран со дипломата од факултет завршуваш како продавач во бутик, ако работиш непријавен секоја сабота и секоја втора недела, а немаш кому да се пожалиш и каде да пријавиш… Не се задоволувај со 8.000 денари плата. Барај повеќе!
– Ако си млад човек, ако не си успеал да се пронајдеш во оваа земја и да го работиш тоа за што си учел и што го сакаш, ако целиот ентузијазам го вложуваш во барање можности како и каде да емигрираш во странство, ако живееш и се будиш со мислата да си заминеш и никогаш повеќе да не се вратиш во земјата во која си се родил… Не се задоволувај со отворена врата кон надвор. Барај повеќе!
– Ако си зрел човек, ако работиш чесно но заработуваш недоволно за да издржуваш цело семејство, ако работиш на норма без пауза за доручек или ве-це, ако едвај крпиш крај со крај и од своја уста двоиш за твоето дете да има што да јаде… Не се задоволувај со позајмици и кредити. Барај повеќе!
– Ако си пензионер, ако пензијата не ти е доволна за лекови, ако покрај себе со неа мораш и децата да ги издржуваш, ако не ти достасува да се прошеташ некаде сам на одмор или да се качиш во автобус и во понеделник или четврток… Не се задоволувај со викенд на бања и 500 денари годишно покачување на пензијата кое и ионака се должни да ти го дадат. Барај повеќе!
Не се задоволувај со трошки, со малку. Зошто ако денес ти имаш малку, утре твоето дете ќе има уште помалку, а задутре твојот внук можеби ќе нема и ништо. Така размислувај, барај и земи повеќе од она што е твое, што ти припаѓа, не само за себе, туку и за оние што доаѓаат после тебе!

[button color=”#000″ background=”#fff” size=”large” src=”http://majkatiitatkoti.com/prikaski-za-mali-deca/kalina-kosi-page/”]Можеби ќе ве интересира повеќе од истиот автор[/button]Alfa-GooolemNovogodisenPopust-2017-11-16-1180x90

Посетено 684 пати