Што значи да ја дочекаш староста во Македонија?

Премногу често ги критикуваме нашите стари лица споредувајќи ги со старите од Америка, Австралија, Шведска или од не знам каде. Обично тоа вака некако оди…
– Старите во Америка одат на фитнес, нашиве не.
– Старите во Австралија го шетаат цел свет, нашиве не.
– Старите во Шведска си живеат сами, нашиве не.
– Старите во Америка си трчаат, нашиве не.
– Старите во Австралија си излегуваат навечер и си се забавуваат, нашиве не.
– Старите во Шведска се активни, ги гледаш по метроа, автобуси секој ден, нашиве не…. ит.н. ит.н.

penzioneri-pocetna_majkatiitatkoti

И самата сум правела вакви и слични споредби, ама не ми текнало се до сега, да се запрашам зошто е тоа така. Ме запрепастија сите можни „затоа што“ одговори. Ќе се обидам да ги сумирам, иако мислам дека тешко тоа ќе ми оди…

– Старите во Македонија не одат на фитнес затоа што: прво што ми паѓа на памет е дека немаат со што бидејќи се плаќа, а и да имаат со што, тогаш немаат баш голем избор каде, а и онаму каде што има каде, најчесто нема групи со специјализирани вежби за таа возраст…

– Старите во Македонија не го шетаат цел свет затоа што: пак немаат со што бидејќи се плаќа, а и да имаат со што, тогаш попрво ќе им уплатат одмор на децата и внуците на кои исто така им се оди, а немаат со што да одат, бидејќи премногу често синот работи за мизерна плата од 10.000-15.000 денари, а снаата е невработена…

– Старите во Македонија често не живеат сами, туку со децата затоа што: сега пак децата немаат со што да се осамостојат од родителите, немаат ниту услови, ниту стандард, што значи старите не живеат со децата зошто така сакаат, туку затоа што најчесто немаат друг избор. Мислам, кој родител посакува за своето дете да живее во една соба со цела фамилија, наместо во своја сопствена куќа или стан?….

– Старите во Македонија не трчаат затоа што: додека да стигнат до возраста на која старите Американците трчаат, тие се веќе утепани од трчање цел живот по барање работа, па по лекари, па по врски за да си го вработат барем едното дете… Башка барем половината од нив се осакатени од интервенциите на државните здравствени установи, а оние што не се, што сеуште ги држат нозете додека чекаат по ходници и шалтери, кога тогаш ќе бидат…

– Старите во Македонија не излегуваат навечер и не се забавуваат затоа што: хммм повторно немаат со што! Ако земаш 8.000 денари пензија, а најмалку половината ја даваш за лекови, тогаш 1.000 денари за провод за само една скромна вечера, извинете, ама многу е. Исто колку што се многу и 600 денари за 2 карти за во театар или на балет или исто толку за 2 карти за во кино… нели?

– Старите во Македонија не ги гледаме по метроа, затоа што метро немаме, ок, не ги гледаме ни по автобуси секој ден, затоа што на некој му текнало дека треба да се возат бесплатно само вторник и петок, а не за дупло поефтина цена или бесплатно секој ден, како што тоа се прави за стари или инвалиди во развиените земји. Сега некој ќе рече, ама толку ли се скржави за 35 денари? Во еден правец 35 денари, во два правца веќе се 70, за двајца, веќе се 140 денари. Ако удриш проста математика, оти нели сакаш да ги гледаш старите секојдневно, им требаат: 30 дена по 140 денари за автобус = 4.200 денари, или повеќе од половина од пензијата на едниот од нив, а притоа потсетувам дека другата половина е веќе резервирана за лекови. А пак такси? Тоа е луксуз само за побогатите, а не за просечен стар човек од Македонија. Познавам многу кои никогаш, ама буквално никогаш не се возеле со такси, кои се влечат натоварени со кесите од пазар по автобуси затоа што такси не можат да си дозволат!

Епа драги мои, ако сакаме нашите стари да не потсеќаат на старите од Америка, Австралија и Шведска кои ни се патем многу симпатични, тогаш не треба многу. Само да им обезбедиме сигурна пензија од 2-3.000 долари на пример, не повеќе. Можеме? 🙂 Ова цинично се смеам. Штом не можеме, тогаш подобро да си замолчиме. Затоа што она што старите кај нас го велат „Од уста сум двоел/а за тебе“, тоа навистина било така во буквална смисла на зборот во многу семејства во Македонија, и сеуште е, кај нас, а не во Америка, Австралија или Шведска. Вие, што потекнувате од просечни семејства од средниот и особено понискиот работнички слој, обидете се да се сетите колку пати мајка ви скршила од нејзиното парче месо и ви го ставила во тањирот на вас кога сте биле дете, под изговор дека веќе не и се јаде, или колку пати седнала да јаде без месо во тањирот за неа, под изговор дека нејзиното парче го изела додека готвела? Повеќето нема да се сетат, зошто нема ни да ме прочитаат до крај, но вие што ќе успеете да се сетите, мислам дека ќе разберете за што зборувам. Оти лесно е да трчаш, џогираш, да се забавуваш по кина и театри или да шеташ по светот на полн стомак и со полн новчаник, нели?

Посетено 5.965 пати