Марија Јаневска: “Нема да дозволам популарноста да ме промени”

Од анонимна блогерка која се појави во 2012 година, прерасна во хит на социјалните мрежи, за измината недела да ја добие државната награда за најчитан автор во Република Македонија. Кога би ви рекле дека денес разговаравме со Марија Јаневска можеби на многумина од вас нема да им биде веднаш јасно, но доколку би ја најавиле како Лајла Грејс тогаш веќе сите би знаеле за кого станува збор. Лајла Грејс  е псевдонимот кој ја најави на македонската литературна сцена и името на нејзиниот блог кој наскоро ќе ги прослави јубилејните 100 000 фанови. Зад себе има две книги за кои комисијата на Универзитетската библиотека одлучи дека се статистички најчитани, а на доделувањето на наградата таа реши дека е време да ја најави својата трета книга, овој пат роман со име „Ничија“.

marija-pocetna_majkatiitatkoti[fblike]

Штотуку доби државна награда за „Најчитан автор“. Што значи за тебе тоа?
Бев на работа кога добив порака од мојот уредник да кревам на непознати броеви. Веднаш излегов во холот и му заѕвонив за да го прашам што се случува. Ми рече дека не е ништо лошо, да се стрпам бидејќи тој не смее ништо да ми соопшти. За половина час ми се јави директорот на Универзитетската библиотека и ми кажа дека биле направени статистики од целата земја и дека изминатата недела одборот  решил да ми ја додели наградата за „Најчитан автор“. Навикната на камери, микрофони и фотоапарати мислев дека се` ќе биде во ред, но кога ја примив плакетата наеднаш сфатив дека штотуку ми го беа врачиле највисокото државно признание кое еден писател може да го посака. Грлото почна да ми се стега, очите ми беа насолзени и едвај зборував. Никогаш нема да ја гледам како нешто возвишено или надмено. Оваа награда е само љубовта од моите читатели во хартиена форма. Искрена, чиста и незаменлива.
Која е Марија лично? Дали кога би можела да бираш би била некој друг?
Марија е нормална апсолвентка по Фармација со исклучителна опсесија за пишување. Според мене моите дела треба да поминат низ неколку различни генерации и доколку и тогаш ги добиваат истите овации, тогаш можеби би добила жиг на писател.  Јас  сум автор. Се уште не се доживувам како писател. Веројатно премногу го величам самиот збор да би го зграбила и присвоила туку така. Замислете колку е нерелевантна тежината на сегашните позитивни или негативни критики, кога книгите на еден Умберто Еко  во своето време биле нарекувани шунт и нелитература. Само времето ќе покаже кое ќе биде моето место во литературата.
Што се однесува до мојот живот, мислам дека и сто пати да ми биде дадена шанса да бирам, да сменам нешто или сосема одново да почнам, секој пат, ама буквално  секој пат ќе се одберам себе си. Истите избори, истите насмевки, истите грешки. Дали би сменила нешто? Можеби. Не многу, но некои мали кривини би ги фатила подобро и никогаш не би давала нови шанси. Сепак, мислам дека изборите низ годините ме направија таа што сум денес и навистина не би се менувала.
Од каде желбата за пишување?
Желба за пишување сум имала од секогаш, а талентот веројатно сум го наследила од баба ми – таа секогаш пишуваше нешто.  Уште како мала имав стара машина за пишување и глумев дека сум писател, онака како што многу деца си играат дека се доктори, пилоти или учителки. Веројатно, тоа е некоја вродена љубов. Едноставно, не можам да не пишувам. Таа моја желба е повеќе инстинкт, природен нагон, отколку желба. После толку години, гледајќи од поинаква перспектива, не можам да опишам какво е чувството кога се исполнува еден детски сон. Мене ми се случи токму тоа.
Зошто пишување под псевдоним?
Сакав објективна оцена. Сакав читателите да добијат една карактеристична слика и да го препознаваат моето пишување. Целта не ми беше популарноста, целта ми беше да создадам препознатливост и себе-пронаоѓање. Но, популарноста и јавната сцена се како големата поплава, како вода која носи се` пред себе. Или ќе се препуштиш на бранот и ќе научиш да пливаш или ќе ризикуваш да потонеш. Можеби попатно ќе се напиеш и малку солена вода плачеејќи, но подобро тоа отколку да се удавиш. Цената на изложување во јавноста е висока. Вистина е дека сликата за мене се смени во моментот кога се појавив со своето вистинско име, надевајќи се на иднина како писател, но искрените признанија се најголемото богатство.
Судејќи по она „почетокот е најтежок“ каков беше твојот почеток со оглед на тоа дека се` се случи за многу краток период?
Почетокот беше неочекуван и вртоглаво брз. Немав ни секунда да застанам и да размислам, а камо ли да се трудам. Се што беше презентирано беше сурово, искрено и без преправање. Првичните реакции од нигде-никаде беа исклучително позитивни. За неполн месец блогот нагло се испопуларизира. Насекаде среќавав мои цитати потпишани под името Лајла Грејс и коментарите за нив беа нешто на што премногу се радував. На моменти со страв помислував што доколку дознаат кој стои зад Лајла Грејс, но признанијата од фановите кои ме следеа беа пресудни за да постирам почесто и повеќе, за на крај да се решам за целосно демистифицирање. Се ставив себе си на излог, ризикувајќи да бидам растргната од критики и осудувања, но не ми беше важно. Љубовта секогаш ја победува омразата.
Од каде храброста за вакво „соголување“ пред јавноста?
Храброста е нештото кое треба да го имаме за да ги поднесеме негативните критики, претпоставувам. Затоа и ретко кој се решава на таквото „соголување“. По сето ова изложување – и позитивниот фидбек и „рендањето“ од твитерџиите – станав личност која има тотална контрола врз себе. Бродоломот од критики кои го преживеав овие две-три години ме натера да пораснам во размислувањето. Негативните критики не ги заборавам. Не ме плашат, туку напротив, тие ми се најважни бидејќи ме челичат. Негативните коментари се циглите кои ја градат мојата писателска кариера.
Добро, доста за минатото и за работата. Кажи ни нешто за себе, што те мотивира? Кои се твоите херои од романите, а кои од реалниот свет?
„Малата принцеза“ од Бернет беше моето детство, а Сара Кру ми беше идолот со чии зборови се соживував: „ Ако нешто силно посакаш, сите планети и целиот универзум ќе се соединат за да ти ја остварат таа желба“. Мои херои  од реалниот свет се баба ми и дедо ми, нека почиваат во мир. Од дедо ми ја научив важноста на постојаната неуморна амбиција, како и рецептот за успешност „Труд, прецизност и упорност, зачинети со малку себичност“. Од баба ми Љубица научив како научив како навистина се живее. Научив дека, и покрај сите падови и порази, по дождот секогаш доаѓа сонце.
Зад себе имаш две книги кои го раздрмаа литературното тло во Македонија. Што е следно?
Вистина е дека ме нема на блогот со нови дела, но сакав последнава година да ги завршам магистерските студии и бев повеќе фармацевт, отколку писател.  Кога ја примив плакетата за најчитан автор, сметав дека е време да откријам зошто ме немаше. Иако криев, вистината е дека последнава година пишував многу зад скриени врати. Пишував роман со име „Ничија“. Приказна поинаква од она на што сме навикнати како народ кој како слеп за стап го следи патријархатот. Не сакам да бидам лакома и да брзам само да издадам нешто ново за да ме има. Тоа не е мојата цел. Не се брзам. Сакам да созреам заедно со приказната и да успеам да го доловам во туѓите очи она што јас го гледам во „Ничија“. Сакам да се презаситам од сопствените бурни реакции на приказната, за да можам да се помирам со она што ќе следи. Секогаш се во животов сум правела со причина. Сакам „Ничија“ да го остави оној траг во општеството кој што го остави на мене последнава година.

 

Посетено 7.245 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!