Скопје и предновогодишниот очај
Скопје во предновогодишна еуфорија секогаш навлегува во длабок стадиум на кичерај, општа напнатост, непотребно и масовно трошење пари, алкохолизирање на највисок степен и нервози. Чудни се овие навики во градот убав кои никако да изумрат од година за година, туку баш напротив, само се засилуваат со интензитет како повеќекратен оргазам кај искусна жена на која долго време и требало психо-физичко ослободување.
Во предновогодишниот период обично се забележуваат неколку работи. Најпрвин почнувате да забележувате дека буквално сите се постојано некаде. Сајтовите забележуваат пад во посетеност, „чекирањето“ и „тагнувањето“ преку фејсбук го достигнуваат максимумот – сите се надвор, па дури и оние чудни другари и другарки кои ги имате и кои секогаш јадат бурек дека не се замараат со излегување. Од прослави преку работа, преку концерти и свирки, па сѐ до масовен шопинг за поклончиња за најблиските, скопјани ревносно се акаат низ град по цели денови. Сите ги пука адреналин, никој не се жали колку е уморен, пари никнуваат како на гранка, кредитни картички се арчат, трговците тријат раце.
Друго нешто кое можете да го забележите е алкохолизирањето. Во стилот на онаа познатана „излегувам на кафе, се враќам дома пијан“, кафулињата и клубовите/дискотеките се преполни со луѓе. Луѓето се забавуваат, пијачки летаат на сите страни, атмосферата е лудница. Но, што реално се крие зад оваа вештачки напумпана состојба на безумно лудување?
Ајде да погледнеме, компјутерски кажано, кои процеси работат во позадина. Прв процес се вештачките очекувања дека дојде време сега или никогаш. Во контекст на една од претходните колумни каде што го елаборирав феноменот за тоа како сите магично си се спаруваат штом дојде зима, така процесов наречен „празници се ближат, цицки ќе се лижат“ ги мотивира луѓето гордо да го истрчаат овој последен круг за годинава и да ја завршат со гол наместо со автогол. (Не)оправданите урбани митови за тоа колку е лесно да се најде партнер во периодот кој води до Нова година им се главен поттик на сите за блуд и разврат.
Вториот процес е желбата за надминување на самите себе. Луѓето си поставуваат цели и тргнуваат храбро да ги остварат. На едни целта им е да испијат што е можно повеќе за да докажат колку се јаки, на други да смуваат што е можно повеќе за да си излечат некои свои фрустрации, а на трети да бидат видени на што е можно повеќе места во еден ден, бидејќи треба да надокнадат за тоа што цела година никаде ги немало. Резултатот од сево ова, доколку намалиме со алкохолот, седнеме на столче и вдишеме длабоко, е дека ништо од ова не е реално.
Напумпаната слика каде што во еден клуб сите се насмеани, опуштени, расположени и отворени пет прста во реалност изгледа сосема поинаку. Тргнете ја еуфоријата и одеднаш убавите луѓе стануваат усмрдени ликови кои после осум саати на работа поминале уште осум во град, отворените девојки стануваат единствените во друштво кои немаат дечко и очајно сакаат нешто да уловат за да не слават сами Нова година, опуштените фраери стануваат нападни хиени кои цела година женска не виделе, па гледаат да искористат нешто на пијано, а прекрасните клупски хитови стануваат „екс-ју“ хитови од Полумента и Аца Лукас!
Трет процес кој работи во позадина е безусловната искреност. Ова е дефинитивно најголемиот феномен и сосема спротивен процес на претходните два. Луѓето толку се опуштаат во таа состојба на наплив на адреналин што несвесно почнуваат да покажуваат сѐ и сешто од емоции. Контактот и комуникацијата со старите љубови доаѓа природно, навидум цврстите машко-женски другарства почнуваат да стануваат климави, ликови кои до вчера не можеле да се смислат одеднаш несвесно и јавно флертуваат меѓу себе. Е тука веќе работите стануваат интересни.
Исто како и претходниот процес така и овој има рок на траење. Кога адреналинот ќе попушти одеднаш нѐ удира бруталната вистина. Вистината е дека бившиот/бившата се бивши со причина и дека тоа еднаш што пукнало нема поправање, другарство меѓу машко и женско не постои и доколку нешто не се случило до сега, нема ни да се случи во иднина и дека за тие што не можеле да се смислат до вчера важи онаа српскана „кој се бије, тај се воли“!
Исто како и кај компјутерите, така и кај луѓето, ако многу процеси ви работат во исто време, кај и да е, процесорот ќе почне да кочи. Во таква ситуација имате два избора. Еден е да го оптеретите процесорот додека не рикне или не се рестартира, што е најчест случај со луѓето кои по Нова година се коматизираат со денови или да ги исклучите сите непотребни процеси кои работат во позадина за да можете непречено да си работите со цел свој капацитет.
Што мислите, каква ќе ви биде сликата за работите ако ја тргнете еуфоријата? Можеби ќе забележите некоја личност која цело време била идеална за вас, а не сте ја регистрирале, можеби ќе престанете да барате жртви и ќе се предадете на едноставно забавување, можеби ќе речете не е сѐ до сексот само за да дојдете до токму тоа што го посакувате. Сѐ е возможно, само потребно е малку сите да се спуштиме на земја. Мој совет е – немојте да давате толку значење на една вечер, но во исто време, живејте го секој ден како да е Нова година. Среќна Нова година Скопје, се читаме пак…