Сопри и љуби ме

ти фалам

дури и кога до тебе сум

ете и тогаш ти фалам

како неизреченото да е крајот

а кажаното, почеток на разделбата

и се бркаме меѓу зборови

како низ лавиринт заплеткани

ти во моите премолчени мисли

јас во твоите итаници низ мене

и никако да ни текне оти да здивнеме треба

малку еве да се одмориме

и за промена да се погушкаме

телата да си ги подушкаме

оти времето ни бега

а ние трчајќи-стоиме во место

небаре ако се помириме со судбата

повеќе ќе боли отколку што не’ дроби сега

застани…застани!

сопри ме и мене

биди помудар и стоп кажи

стави ја раката на срцево

и држи дур не се смири

не гледаш каква будалетинка сум

и колку сакам еден цел живот

во малку време да сместам

биди мудар и смири ме

оти не бива на запален оган да се дува

да се разгори брзо и да прегори

како хартијава на која ти пишувам

така душава набрзина ќе ми прегори

и пепел ќе се стори

оти јас мудра не сум

ниту знам полека да љубам

или барем да се преправам дека умеам

сопри

и мене сопри ме со бакнеж

и само кажи ми дека се’ ќе биде в ред

дека овојпат ќе знаеме како

без да се поболиме

без да се искасапиме

оти мене тежок ми е зборот

и оној што ќе го изговорам

и оној кој ќе го оставам во мене

а и вака и така ме убива

сопри и љуби ме

сопри ме и дај ми да те љубам

дур можеме и знаеме како

дур доцна не е

за тебе…за мене…за нас

 

Посетено 1.761 пати