До премаленост да се љубиме дур воздух не изгубиме
не сакам за староста да ми зборуваш
и онака не сум повеќе млада
еве сакам да зборуваме за деца кога пак ќе сме
во некој друг живот во кој повторно ќе се најдеме
и како ќе играме со џамлии по ровката земја
и ќе цапаме во вирови кикотејќи се на сиот глас
со залепени дланки од растопен сладолед
и срамежливи погледи кога оној другиот не гледа
ти
и јас
повторно деца да бидеме
и една заедничка младост да изврвиме
полна сила и верба во она што сме
за раце да се држиме небаре ветрот ќе не’ одвее
и без многу ломотење да знаеме дека тука сме
дека секој од нас е прибежиште на другиот
засолниште и дом со разгорено огниште
не
не сакам на староста да мислам
таа и онака си доаѓа без да ја викаме
па ете сакам и за деценија или две истите да сме
смеата иста да ни остане
и бакнежите да ни бидат ко што денес би ни биле
рака в рака
и срце во срце
без да мислиме на она што доаѓа
да сме среќни дур тука сме
дур големите тик так во градите ни бијат
со очи полни страст и нежност
со кандилцата еден во друг да се џариме
и да се љубиме
до премаленост да се љубиме дур воздух не изгубиме
и низ кикот да ти велам “аман, толку не стискај ме”
не сакам да мислам на староста
ниту пак сакам за денот утрешен да се грижам
сакам сега
тука
ти
и јас
музика и вино, во тишина која лечи
ти…
ти и јас