Да верував во судбина, досега ќе бев судена за сите
Да верував во судбина, досега ќе останев со клошарот што ме малтретираше физички, но не верувам, затоа го тргнав од мене, знаејќи дека “судбината” ми е поубава од шамар.
Да верував во судбина, досега ќе останев и со клошарот кој ме манипулираше психички со тоа што беше цела деценија постар од мене, но не верувам, затоа го тргнав од мене, знаејќи дека “судбината” ми е поубава од манипулација.
Да верував во судбина, ќе останев во друштвото на клошари од средно училиште, па и од факултет кои не гледаа ништо подалеку од носот, но знаеја да искористат се што му се пружи, знаеја да озборуваат зад грб еден за друг без исклучок и знаеја да лижат каде што плукале, а јас таквите личности ги тргам на страна од мојата “судбина”.
Да верував во судбина, досега ќе работев во фабрика работа која не ја сакам, ќе се дружев со колеги кои имаат затворен мозок и не знаат ништо освен да се кодошат меѓусебно кај шефот.
Да верував во судбина, досега ќе живеев осудувајќи се себеси со моите грешки, лоши одлуки, полоши избори…
Но, јас не верувам во судбина, верувам во себе, а кога на некој му веруваш, му простуваш се што згрешил за да продолжиш да одржуваш чист и искрен однос со него.
Некој некогаш рекол, човек никогаш нема да успее се додека се залажува себеси, јас успеав, па сега вие видете дали се лажам или ве лажам вас.
Како и да е, да верував во судбина, досега ќе бев судена за сите.
Не знам што к’смет ќе беше тоа мој, сите што ќе ме запознаат веруваат дека сум нивна сродна душа, нивна најверна пријателка, едноставно личноста која очекувале да ја сретнат цел свој живот, чувствуваат дека сум судена за сите нив…
Но, за жал не се обидуваат да ме импресионираат со искреност и да ме убедат дека се судени за мене и тие, па затоа јас ги импресионирам со моето нагло заминување од нивниот живот.
Им докажувам дека не сум била судена, ниту пак ќе бидам некогаш на некој што сам се осудува.
Ако се осудуваш себеси, што останува за другите, нели?
Но, ако се креваш себеси, ако веруваш во себеси, ако се сакаш повеќе од се на светот само себеси, ако си простуваш себеси, ете тогаш останатите ќе ја затнат муцката и ќе те креваат молчејќи, ќе ти веруваат молчејќи, ќе те сакаат, мразејќи и ќе те читаат кришум.
Да верував во судбина, немаше да бидам она што сум денес, ќе бев она што другите мислат дека сум, она што другите зборуваат дека сум, она што другите САКААТ да сум.
Но, не, јас сум она што сакам да сум ЈАС и нема да се сменам за никој освен за СЕБЕСИ, најмалку за судбината која не постои, таа се менува во моја полза, наместо јас во нејзина.
Исто би се случувало и со вашата, само доколку го сфатите ова, бидејќи запомнете дека никој не смее да го држи пенкалото со кое ја пишувате книгата на вашиот живот освен самите вие!