Ете…и вакви денови има
Има денови
кога не знаеш што со себе
кога душата како лист ти е
пожолтен од старост
излитен од многу вртење
испишан со мастило
толку темно
и тешко
што остава дамки и од другата страна
Има денови
кога снагата те дроби
како во зима грип кога те стига
а знаеш дека здрав си
барем докторот така вели
дека од болест не е
а кожата на допир те боли
толку силно
што и ветрот го замразуваш
Има денови
кога со умот не си токму
кога забораваш се’ што и онака
важно никогаш не било
за отпосле да те мачи
а ти вртат мислите
онаму каде што стои знак СТОП
за умот да си го зачуваш
за едно утро полуден да не се разбудиш
Има денови
кога срцето како издупчена хартија ти е
па од него конфети правиш
со алова боја обоени
и ги расфрлаш наоколу
ги засмејуваш сите околу себе
и се кикотиш толку силно
за да се прелажеш
дека солзите од смеење ти се
Има денови
кога плеќите ровки ти се
небаре од суви гранчиња наместо коски
па ти тежи и сопствената кожа
сам себе не се трпиш
и душата би си ја продал за малку мир
да здивнеш од себе и умот свој
иако знаеш дека не можеш
дека дури ни ѓаволот не се нафаќа да ти ја земе
Има денови
еве како овој што е
навидум ист како останатите
а и ти изгледаш исто
како вчера, како лани
а знаеш дека нешто во тебе се скршило
и никогаш повеќе исто нема да е
па си велиш ”само за арно нека е”
дур во тебе крвта ѕемне
Има денови
кога зборовите како олово ти тежат
а вкусот нивни
во устата ти горчи
па ги премолчуваш
и тешко голташ
оти нема ништо потешко од таквите дни
како овој
ете…и вакви денови има
Посетено 1.665 пати