Чоек не се лепи

skrseno srce_majkatiitatkoti
чоек не се лепи
ниту душата да му ја залепиш можеш
ниту пак срцето да му го споиш
онаму каде што насмевката пукнала
таму секогаш радоста ќе се рони
поткопана од удари
дур еден ден не распука
и од неа ништо не остане
освен сеќавање полно бол
чоек не се лепи
кога сиот ти се дал
со аманет да го чуваш
оти кревок е
и да го љубиш
оти си му се’
да го пазиш како реткост
оти стаклена душа има
а и таа една е, пустата
чоек не се лепи
материјалот од кој е создаден
само љубовта го држи за цел да е
гали го
сакај го
оти малку ни е нам луѓето пишано
едвај неколку години чиста радост
непоматена од улави времиња
и уште поулави луѓе
чоек не се лепи
еднаш го скршиш
за навек осакатен ќе е
а однадвор може ќе свети
во лични алишта облечен
и на гуша и прсти накитен
а внатре бунар пресушен
како матка јалова
без чедо до смрт оставена
чоек не се лепи
ниту ти, ниту јас
а лични сме
и со празни очи се гледаме
дур срцата како споулавени ни бијат
а рацете умртвени за да се допреме
усните ладни за бакнежи
телата крути за да се споиме
оти внатре еден по друг сме се скршиле
чоек не се лепи
греота
ама не се лепи
и од љубов ко ќе прегори
нема веќе ниту што во него да се залепи
и боли
внатре, кај скршеното боли
оти знаеш дека лек нема
оти чоек, чоек не се лепи

rimmel_london

Посетено 5.379 пати