Струмичка Мастика

peko-banner
mastika-naslovna_majkatiitatkoti
Седеше на подот, докрајчувајќи ги последните капки од струмичката мастика. Последното шише што му остана од дедо му. Дедо Ѓоко беше еден од најстарите мајстори во Грозд Струмица, и според зборовите на неговите колеги – единствениот вистински мајстор на занаетот. Тој на умирање му рече – „синко, еве ти 7 шишиња домашна мастика направена лично од мои раце. Посебна е оваа, и немој да ја пиеш без врска. Дека на секој човек му доаѓаат седум големи причини да се напие добра мастика. Првата е кога ќе стане полнолетен. Втората е кога ќе се вработи, третата е кога ќе ја најде жената на својот живот. Четвртата кога ќе му се роди дете. Петтата – на свадбите на неговите деца. Шестата – кога ќе ги испрати своите родители во вечноста. А седмата… седмата ќе ја остави да ја испијат неговите другари и роднини на неговиот погреб. Сега вети ми дека ќе ги чуваш и нема за ништо друго да ги потрошиш“. И тој му вети. Ете, сите овие години го чуваше тоа последно шише како очи во глава. Другите се потрошија. Се вработи… ја најде жената на својот живот… му се родија деца, на кои им направи свадби. Ги испрати своите родители во вечноста. Остана последното шише. Ќе го земеше шишето во раце со посебно внимание, ќе го погледнеше со некоја чудна тага и само ќе речеше – „Ееее… тебе смеам само да те гледам, а други ќе те пијат“ – и ќе го оставеше на неговото место. Но тој ден влета во собата целиот избезумен. Го грабна шишето, со растреперена рака го отвори и натегна голема голтка. Се потпре на ѕидот и полека се спушташе надолу. Огромна болка му го параше срцето. Во раката држеше згужвано писмо кое неколку пати го препрочитуваше. И секој пат како некој огромен нож да му се зариваше подлабоко и подлабоко во срцето. Натегна уште една голема голтка од неверојатното ремек-дело на дедо Ѓоко и почна да зборува на глас:
Дедоо… прости ми дедооо. Види што ми напишала:
„Немој да ме бараш. Знам дека си чесен човек и дека направи се за мене и децата, ама јас сакам повеќе од животот. Знам дека е ненадејно. Знам дека ќе те боли многу, ама не можам повеќе да живеам овде. Секој ден умирам по малку однатре. Ти цел живот ми зборуваше дека мора да живееме скромно, ама јас не сакам веќе така да живеам. Не сакам светот да го гледам само на слики и снимки од некои други. Сакам и јас да носам бунда, и злато. Сакам да одам во скапи ресторани. Сакам да осетам возбуда. Некое време имам врска со еден човек со голем бизнис. Има куќи во Женева, во Виена, во Париз има стан, Може да ми пружи повеќе. Не сакам да бидам просечна, разбери ме. Не сум престанала да те сакам. Знам дека и ти ме сакаш. Ама доста ми е да бидам домаќинка. Доста ми е да составувам крај со крај. Да сакам нешто да им купам на децата а да немам со што. Сакам повеќе. Разбери ме. Не ме барај. Најди некоја што ќе сака да живее скромно. Ќе ти стигнат документи за развод преку адвокатска канцеларија. Не ми треба ништо. Задржи се.“
Го згужва ливчето, ги фрли во ќошот од собата и викна болно:
„Дедо, прости ми, дедо… знам дека ветив, ама ти не ми даде доволно шишиња. Требаше уште едно да ми дадеш дедо. Како си можел најважното да го заборавиш? Како можеше за ова да не ме спремиш? Денес умрев дедо. Денес умрев однатре и тоа е посебна прилика за шишево. Немој да си ми кажал дека не е. Јас ќе ја испијам оваа мастика дедо. Цела ќе ја испијам. А на мојот погреб нека пијат што сакаат.“

gorska_kirilica-teks

(Посетено 2.084 пати, 1 денес)

Поврзани Статии

Оставете одговор

*