Човечките корени се луѓето

svetlina-naslovna_majkatiitatkoti[fblike]
Човечките корени се длабоки
Колку на стогодишно дрво
Испреплетени и силни
Удолу, до центарот на земјата
Како јазли со кое јадрото е обвиткано
Човечките корени не се врзани за држава
Ниту припаѓаат на некоја химна или знаме
Ниту пак јазик некаков знаат
Оти сите сме можеле ваму или онаму да се родиме
Ама ете
Пишано ни било на ова парче земја светлина да видиме
Човечките корени не се станови ниту автомобили
Скапи часовници и облека со потпис
Ниту оградата со која си го заградуваме она
Што и онака после смртта со себе не го носиме
Оти човек в ковчег ко ќе го стават
Само облека на себе носи
Која ќе изгние заедно со месото и кожата
И ниту едно азно со нас не си оди
Оти на оној свет голи стасуваме
Само со душите на мегдан
И делата кои зад себе сме ги оставиле
И по кои ќе не’ паметат
Дали арно или лошо, кој како си заслужил
Човечките корени се луѓето
Оние кои не’ зачнале
Оние кои над нас трепереле
И чија младост ко свеќа за нас горела
Оние за кои не се прашуваме дали и како би умреле
Туку кога треба, ете тогаш би пресушиле
Корените ни се во луѓето без кои
Ништо на овој свет не би имало смисол
Кои заедно со нас се радувале и пееле
И кои за рака не’ држеле дур сме тагувале
Кои чаеви во болест ни вареле
И со кои до зори сме се опивале
Луѓето кои срцето за навек ни го зграпчиле
И кои со отворени очи сме ги сонувале
На чиј глас сме се радувале
И чии лица како најубавото уметничко дело ни биле
Чии зборови како мевлем да душа ни легнале
И чии допири од мртви не’ станувале
Човечките корени се во оние кои зад нас ги оставаме
Кои наши гени носат
И во кои себе како во огледало се гледаме
За кои нашата младост сме ја дале
За да ги израснеме и на пат ги изведеме
За оние за кои со Бог се пазариме
Да не’ поживее дур не пркнат
Дур крилцата доволно силни не им станат
За да летнат и да знаат како низ животот сами да врват
Не се
Моите корени не се во јазикот кој го говорам
Ниту во писмото кое го користам
Не се во бојата на државата во која живеам
Туку во думата која во душава ја имам
Во милоста за рака да подадам
Без трошка надменост и суета
Во искреноста на “прости”
И во силината на “те љубам”
И ниту било каква лажна припадност корен не дава
Ниту за нешто може човек да го врзи
Колку што го врзува чистата љубов
И отвореното срце кон секој што низ животот го среќава
Коренот човечки не е во ставање граници
Оти тие закопани во земја граница немаат
И можат и на другата страна од светот да се најдат
Корените човечки
Љубовта човечка
Човекот во човекот

jk banner grcija

Посетено 581 пати