Јелена Јованова: Размислувам како поинаку да ги воспитуваме не само девојчињата туку и момчињата! Не од утре, од сега!

Неодамна со колешка од Индија зборевме за тоа како сеуште кога женско дете ќе се роди во Индија настапува тишина, срамота, жалење. Нема среќа за тој нов живот оти нели се родил нечовек жена!

На немажените сеуште им се упатуваат коментари од најблиските: “ајде кога ќе се скрасиш?”
Оти нели жена треба да се ‘скраси’, бракот е нешто што ‘се мора’ зашто немажачката е огромен неуспех (леле што ќе речат комшиите!),додека синот кој не се оженил просто и едноставно само не си ја нашол вистинската. Ама ајде ќе биде, ќе си ја најде има време!

Кога ќе се мажиш многу постари роднини не пропуштаат да спомнат дека во бракот компромисот е улога на жената. “Запомни го ова ќе ти треба за мир во куќа”!
Ги учиме девојчињата да бидат амбициозни но не многу, да се успешни но не премногу за да случајно не го фрлат мажот во сенка.
Момчињата пак дека мора да се силни, неранливи, секогаш они да ја подмират сметката, да се јаки со најчестиот ‘правилен’ совет – “Не смееш да плачеш како жена, биди маж”!

Девојчињата ги учиме да пазат каков впечаток ќе остават кај момчињата, но не и обратно.
Ги учиме да си го покријат лицето, косата, нозете созадавајќи им чувство дека нешто погрешиле со тоа што се родиле како жена.
Жена што мисли поинаку неодамна научивме дека може да добие 38 години затвор со 148 камшикувања! Да, во денешно време, а не таму некогаш некаде.

Сето ова не значи дека зборувам и гласам за мизандрија!
Напротив, размислувам како поинаку да ги воспитуваме не само девојчињата туку и момчињата! Не од утре, од сега!

#едноцвеќевоцелофанченемадагинаправипотребнитепромени

Јелена Јованова   

Посетено 2.620 пати

Мајка Ти и Татко Ти

Мајка Ти и Татко Ти

Следете не на Фејсбук!