Утрешнината е за утре

utre_majkatiitatkoti
Овој ден, овој час,
дури и оваа секунда
што ти се протна меѓу два збора.
Важно е секое отчукување
на срцето, ударот на времето,
мигот во кој тапанарот преку
палката е споен со барабанчето.
Секој потег, замав со главата,
трепет на трепките кои трепкаат
дваесет и пет пати во минута.
Чекорење со броење и одење до стоење
(до сто и една и назад).
Бакнежи и честитки од најсаканите.
Свеќите на тортата за кои немаш здив.
Секој потег што мами заслужен поглед,
секој призор што изнудува насмевка.
Љубење воздух и воздишки над љубената.
Еден момент, убав миг од сегашноста
во кој те заболе за утрешнината.
Ништо повеќе не ти треба, сега.
А утре? На утре ќе му ја мисли
некој друг Ти,
нималку различен од денешниов,
но постар за цела една година.
Посетено 280 пати