Што ако гледаат на тебе гледаат како на ситна риба, не знаејќи дека си ајкула?

Чуден ден, уште почудна ноќ, а по некое проклетство и чудно чувство почна да ме облева со пот. Да речев дека е чувство на среќа, ќе знаев да го опишам…. Да беше на тага исто така… Но, не… Ова чувство имаше вкус на немир…

Мрак. Нема никој околу мене. Одам пеш по улицата како и секогаш, прав вук самотник. Одам и не забележувам што се случува околу мене. Застанав да одморам. Проклета да бидам, одам веќе еден саат! – си реков во себе и седнав на клупата во паркот.

Мирисаше на старо вино и по малку одекнуваше звук на недобро наништимана гитара и една песна која страшно добро удира на спомени од оние стари добри времиња. Не се завртев да видам кој е, а и искрено не ме интресираше кој пејуцка во оваа глува доба.

Запалив цигара, повлеков дим. А, со димот уште милион мисли ми светнаа во умот. Се потрудив да се стабилизирам, но не можев. Тие немирни мисли ми одекнуваа во глава.

Помислив на сите оние денови кога и јас дремев со виното во рака и ја слушав гитарата, пеејќи некои песни од на мајка ми и татко ми младоста.

Помислив на сите планови кои ми пропаднаа во вода, онака несвесно, онака неприметно. Помислив што би направила кога би го вратила времето назад онака ко на шала, дали ќе бев истата будала.

Што ако би знаела што ќе ме следи во животот понатака, со кои карти би одиграла кога би знаела како ќе заврши играта. Што ако залудно блефирам, што ако залудно се надевам кога знам дека ќе изгубам…

Но, животот е борба, непркосен борец за правда, револуционер во денешна сага, бунтивник за подобра иднина, патник со багаж од милион искуства и наравученија, патник кој со себе носи куфер од надежи и гревови.

Што ако никој не те сфатил онаков каков што си навистина? Што ако никој не продрел во тебе и те осознал онака до коска?

Што ако баш секој смета дека си обичен кретен или пак човек за предумисла за некоја неправда? Што ако на твојата добрина гледаат како на храна за преживување?

Што ако те гледаат како на ситна риба, не знаејќи дека си ајкула? Што ако под твојот оков, лежи човечка искрена душа? Што ако не си ти ко сите нив? Што ако си поинаков?!

Премногу тешки прашања, за кој ни најтешкиот филизоф, ниту најголемиот интелектуалец не би нашол одговор.

А, камоли јас… Обична ситна рипка во општеството, обвиено во неправда и неслога… Обичен стихоклепац за дешавките во реалноста.

Премногу тешки прашања за да можеш да ги одгвориш со неколку дима од цигара.

Доволно е тешко прашањето: Кои сме ние, кои бевме и што ќе постанеме во иднина, доколку опстанеме во оваа савана каде секој те гледа ко парче храна.

Ја фрлив цигарата и реков: Не е чуден денот, ниту ноќта, ниту чувството во мене. Чуден е светот… Чудни се постапките на битијата.

*Текстот е напишан во 2015

Марија Прличкова

©majkatiitatkoti.com  Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Посетено 965 пати