Се отуѓивме. Преку недела излези со петлите, врати се на зајдисонце. За викенд не знаеш што попрво да направиш!

Се отуѓивме. Преку недела излези со петлите, врати се на зајдисонце. За викенд не знаеш што попрво да направиш. Не ти е ни до мајка, ни до брат, ни до другарка. Многу пати си помислувам, да ѝ се јавам барем на мајка ми, ама не ми се зборува од умор и грижи и преокупации. Ќе ме прашува, ќе ме осети, ќе ми рече – Што зборуваш така, што ти е, уморна ли си, што те мачи? Што да ѝ кажам? А и зошто да ја нервирам и оптоварувам со своите грижи, кога и таа си има свои? Среќа па месенџер постои. Корисен канал за комуникација кој ти ги крие и лицето и гласот, мислите…животот. Ќе разменам неколку зборови таму. Или ќе пратам само срценце или бакнеж, некој знак дека сум жива и дека постојам, најлесно, една слика наместо моите 1000 зборови. Со другарки, колешки, комшики, исто. Кога ќе се чуеш со било кој од нив, само велиш – Добра сум, се е ок, на работа, дома и така. Си го извежбала тоа, го кажуваш уверливо, како од пушка. Нема топлина и искреност. Се чувствува формалноста во комуникацијата. Празна е. Се попразна. Понекогаш дури и неподнослива. Оти и ти знаеш и тие, дека не кажуваш се. И добро и лошо. Не затоа што нешто од нив намерно криеш, туку затоа што немаш волја, време, сила, да објаснуваш и животот да си го прераскажуваш во неколку минути. Невозможно е. На гости не ти се оди, ретко кога ти доаѓаат. Напуштена е тоа практика. Напор ти е тоа сувишен.

А кога некако ќе се натераш, ќе најдеш време да излезеш по неколку откажувања и одложувања, или ќе те удри носталгија по најблиските, не знаеш што попрво да кажеш. Па само претрчуваш преку твојот живот кој тогаш сфаќаш дека брзо поминал од едното до другото видување со нив, гребеш по површината, плитки ти се зборовите. Кој да објаснува, кога ионака немам време да им кажам се, особено не сите ситни и слатки детали, не сме во тек. Јас со нивните животи, тие со мојот. Ги изгубивме сите текови. Сами чекориме по својот пат. Сами сме со своите успеси. Сами сме со своите неволји. И грдото и убавото на грб сами си го носиме. Едни за други го знаеме само најнеопходното. Никој не не терал со сила. Така сме избрале. Или можеби животот не натерал? Си воздивнуваш, се надеваш дека се е така како што ти кажале блиските и уште подобро, и трчаш да им се вратиш на своите преокупации, како да ќе ти побегнат. А таму, повторно си далечна од најблиските, како да не си ги видела воопшто, зошто недоволно ти било нивното присуство, просторот кој си го издвоила за нив. Па имаш грижа на совест што не си останала 15 минути подолго, како да чуда можеле да се случат за тоа време. Ама ти поминува за кратко. Мои се, се тешиш, ќе ме разберат. И повторно почнуваш да се чувствуваш исто. Отуѓена. Нивна си, а само своја. Тие се твои, а ти си пак сама….

Калина Коси

Посетено 1.202 пати