Прво во црква, па во дискотека – Ами сабота е де, да си прославиме

Иде Велигден, за мене еден од најубавите празници, можеби и пофамилијарен и од Божиќ. Некако вапцањето јајциња, кршењето со нив, дружбата со роднините ми дава некое чувство на мир и спокој. Како права христијанка, си се радувам на секое Христово раѓање или воскресување…

Но, темата не е мојата семејна идила… туку „идилата“ во сабота вечер пред црква и целокупното траскање од земја почнувајќи од Велики Четврток со првите три јајциња, па се до Втор ден Велигден…

Добро бе, имате ли малку срам? Зборувам за оние што се дрзнуваат по миничи да дојдат да држат среќа и да му се помолат на Господа за покајание и спасение. Ма ни срам, ни почит, ни перде… Пошто нели ако една сабота пропуштите НЕИДЕЊЕ во дискотека, вашиот живот нема да има никаква смисла… Ама баш, никаква…

Само една сабота, само една вечер да сте прикладно облечени, без да морате да отидете во некој ноќен клуб, без да кршите јајца од кафиќ или кафана… Барем една сабота, барем една вечер да живеете во моментот и среќата наречена Велигден.

Јас не сум некој голем ВЕРНИК, го пишувам затоа што не постам и не одам во црква секоја недела и на секој празник… Но, ја имам вербата во себе, па никогаш ама баш никогаш нема да изговорам ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ, ВИСТИНА ВОСКРЕСЕ со гол пупак и нозе кои се тресат на ладно… Затоа што тоа е ругање на сопствената вера…

Затоа, ако сте постеле и ако одите секоја недела во црква и за секој празник, немојте да си земате за право… Не иде… А, и не ниту секси… Очајно е.

Посетено 119 пати