Прошталното писмо на Маестро Горан Стефановски до Крап

Владимир Крапчев-Крап, последниот скопски боем (1942-2006)

Владимир Крапчев-Крап (1942-2006)
Владимир Крапчев-Крап (1942-2006)

Тоа е Владимир Крапчев-Крап, или Баце Крап, како што јас го викав. Легендата од Дебар Маало, неповторливиот боем кој остави неизбришлив печат како газда на култното бифе во Драмски театар. Тогаш култното, не сега, да не се разбереме погрешно. Сега, ова бифе е обична, усмрдена кафана, без трунка душа, во која и не помислувам да влезам.Одамна се спремав да напишам нешто за најпрекрасниот човек кој некогаш сум го запознал, а кој, веќе 8 години не е со нас.

Како прво дете во друштвото, Крап ме обожаваше (ова си го кажувам со гордост и со фалење), за него бев “ортак„ и “јуначина„, неговата насмевка ме собори и мене, како и многу други кои го познаваа.
Таков шерет, козер, мангуп, хипер-емотивец со душа Планина, се уште не сретнав и по 44 години.
Како што растев, копнеев по денот кога јас сам (без татко ми Боро Цуф) ќе можам да влезам во бифето каде што се случуваа “чудата„ недостапни за обичните смртници. За шоу програмите на Баце Крап се збореше низ градот, Драмски беше вистинска “драма„ со најдобриот актер – без диплома.
Неговата диплома беше Животот, кој го шамараше и му удараше заушки, но достоинствено му парираше се до последниот здив.

krap sneska hristo_majkatiitatkoti
Некаде во 2 или 3 година гимназија, кога полека почнав да ги запознавам тајните на ноќните теревенки, се случи и тоа – по акањата низ Езерце, Камел, Маџо, Мусандра, Турист… кога веќе се беше испозатворено, се осмелив да чукнам на пенџерот на Драмски, онака благо “нафлитан„. Нормално, со мене беше Љупчо Егеецот, со кого поминав бааги во младоста.
– Оооооооооооооооооооо, кој ми дошол, се појави вечно насмеаниот лик на Крапче на пенџер. – Копиљаци, че влагате низ прозор или да ве најавам кај портирот?
Хааааааааааа, операција успешна – ние сме во Драмски. Се исполни сонот.
Нема смисла да се опишува тој ден, мислам ќе загуби во драж. Нека ми остане само мој, нели?
Ете, научив многу од Крап, сакав само да го споделам тоа со некого, вака поопшто и потранспарентно.
Инаку, денот кога почина Крап, ме остави без здив, беше мај. Не можев да поверувам дека замина без поздрав. Но, така морало да биде. Горд сум што го познавав.

Во продолжение, ќе го препишам текстот-последен поздрав до него, кој беше прочитан на погребот, а напишан од маестро Горан Стефановски, неговиот голем, голем пријател:

 

Последен збор…
Владимир Крапчев-Крап
1942-2006, боем

Драги Крап,
Драг наш пријателе, другар и брате!
Се собравме овде, овој мајски ден, да те замолиме, задолжиме и овластиме за една важна работа.
Те знаеме како човек на место. Човек од збор. Човек кој жестоко го сакал и славел животот, и кога тој бил горчлив и кога тој бил сладок.
Човек кој добро знаел што се тоа страст, ќеф, љубов, лезет, мерак, мекам…
Човек грамада, со коса-четка. Човек мустаклија и мачо-кавалер и ловџија и љубовџија. Доктор-специјалист за дебармаалска мунѕа, за дупли пас, за брза финта.
Човек кој безусловно давал. Човек великодушен и длабоко лојален. Човек алергичен на лицемерство, крути авторитети и секакви граници и ограничувања.
Ти со години живееше среде кафеански земјотреси и поплави, среде панаѓур на суети, во постојан вител, на острица на нож. Успеваше истовремено да бидеш и занесен учесник и мудар посматрач. И, одвреме-навреме, зачудено дете.
Последниве години немо гледаше како твојот свет полека исчезнува, како Дебар Маало полека се урива околу тебе. Па затоа се повлече и се осами.
Отиде од Скопје во Преспа, како испосник, надвор од животот, да ги излижеш раните, да ги прочистиш снагата и умот, да подвлечеш црта, да направиш салдо.
По тоа, сега знаеме дека си сосем подготвен за следната задача. Па затоа, еве, ние, твоите другари и другарки, те молиме, задолжуваме и овластуваме, во твое и во наше име, високо да кренеш и изградиш едно ново Дебар Маало, таму кај што си, за сите нас.
Направи мали куќарки со дворчиња, пумпи за вода и клупи, саксии босилек, плотови, лозници, шимшир порти, леи џунџулиња и каранфили, мирис на липи, паркови, бакнежи топли како младост.
Па, среде тоа изгради една небесна меана, еден чардак ни на небо ни на земја, со фирма: “Дебармаала не е шала„.
Па стави бело вино и сода да се ладат во фрижидерот, намести маса за табла, бриџ и шах, пушти музика за душа. Исправи се зад шанкот, во бел костум, со борсалино на главата, со цигара без филтер во едната рака и “аљаска„ шприцер во другата. Намигни, насмеј се шеретски и крени чаша во наше здравје.
Пријателе, другар и брате наш
Владимире Крапчев-Крап!
Те имавме како единица мерка за живот. Сега си ни единица мерка за – бесмртност!
До гледање!

Горан Стефановски, Лондон

Посетено 18.466 пати

Сашо Христовски

Сашо Христовски

Сашо Христовски