Последниот дим
Се најдовме во небрана ситуација, ти гол, а јас облечена во твоите дела. Ти разголен до крај, а твојата облека кај мене. После толку време те соголив, те изнаплакав, те уништив да знаеш… И не ми е жал, воопшто не ми е жал затоа што ти тоа го заслужуваш, ти тоа си го посакуваше и нема причина да очајуваш. Го турна идолот од мене, а јас останав доволно моќна да се искачувам уште погоре и погоре. Разбери дека моето „Јас“ те сакаше премногу, толку многу што се откажуваше од своите соништа само за да ги задоволи твоите. Но моето „Јас“ чувствуваше и нешто друго, желба за свој живот, желба за нешто поинаку од твоето. Би било премногу едноставно ако кажам дека „другиот во тебе“ ми помогна да сфатам и да се тргнам од тебе за да си ги остварувам своите соништа. Но, така е. Не знам дали би било во ред да ми се заблагодариш или едноставно сам да си сфатиш дека животот со мене ти бил светлоста во животот и дека само еднаш ќе наидеш на таква светлост, на таков адреналин. Сеедно, си знаеш и самиот дека се’ завршило, твојата среќа сега да ја бараш на друго место, моите солзи исто така, а мојата болка гледај ја во друго лице, јас сум среќна без тебе! Последниот дим од цигарчето наменет за тебе, си остана со тебе засекогаш, да се сеќаваш на мене и да те убива болката за времето поминато со мене.