Кој е успешен човек, а кој не?

Најпрво да кажам дека секако не сум најкомпетентната особа на светов да збори за успех, ниту за некој голем неуспех. Можеби затоа што не постои релевантна мерка која одредува кој е успешен, кој не. Повеќе би се осврнала на однесувањето на успешните и неуспешните, а помалку на материјалните остварувања. Ко демек оние со наследени или украдени пари се успешни? НЕ!

Искрено, многу милувам да пишувам на ваквите теми пошто се реални и не бараат фантазирање или пак, депресирање. Не демотивираат, туку инспирираат.

Имав прилика да запознаам доста ликови што важат за јавни личности, запознав и претприемачи, ликови што немаат врска со јавноста или бизнисот, но сепак се успешни во својата рабоота и ја прават најдобро што можат. Секако, доста од нив се арогантни и си даваат огромно себезначење, самопромоција при секое излегување пред очите на јавноста, фалби и сл. Зошто? Ако си доволно добар во нешто, другите ќе го видат тоа.

Што знам, можеби затоа што сум тежок самокритичар и целите кои ги имам поставено за себе сметам дека се уште се далеку од мене… Па, мислам дека туѓите зборови се многу поголеми и поверодостојни од сопствените верувања за себе.

Нејсе, зборував за многуте ликови кои сум имала прилика да ги запознаам. Имиња нема да користам, бидејќи не е таму фокусот. Најуспешните од нив се спремни да ве поддржат, да ви помогнат дури и кога вие директно нема да го побарате тоа, ќе ви укажат каде грешите и каде би можеле да се протнете за да успеете. Ќе ви го посочат кој е вашиот главен адут, кој треба да го билдате…

Без пардон ќе ви влепнат нешто во лице, но не да ве навредат. Туку, да ве приземјат кога лебдите високо меѓу облаците… Чисто да ве заштитат пред да фати силната бура преовладана со црни облаци, молњи и грмотевици…

И ретки се, но јас велам… Душа со душа се пронаоѓа… Тие немаат етикети на себе, па вие самите ќе мора да ги препознаете… Можеби затоа често запаѓаме повеќе во друштвото на „несупешните“.

Е, сега… Неуспешните… Тоа се оние ладнокрвни суштества полни со фрустрации, комплекси и по неколку дамки во своето блиско или подалечно минато…. Тие се оние кои ќе ве навредат, ќе ве омаловажат, ќе ве понижат, ќе ви изгазат, а неретко и ќе го игнорираат вашето присуство. Зошто? За да си излечат фрустрациите, да си ги намалат комплексите, да си докажат самите на себе дека се подобри од некој и нешто… По Богу!

Ќе го сторат сето тоа, само ако вие им го дозволите тоа. Не може некоја си таму ѕвезда или газда на некоја фирма, да ви кажува секакви зборови и вие паѓате во очај поради истите. Едноставно целиот свет да го освоите, тие пак ќе ве гледаат со беда во очите. Но беда кон самите себеси, што не можеле или не можат истото тие да го направат. Овие никогаш нема да ве поддржат максимално, нема да се радуваат на секој ваш постигнат успех и нема во ниту еден случај да ви симнат капа.

Вие сте посилни од било која навреда на било каква основа. Дали е лична, верска, национална, полова, професионална итн. Посилни сте и треба да верувате во себе, но додека се качувате по скалите на успехот не ги заборавајте оние кои ви помогнале на било кој начин да го достигнете нивото на кое сте се качиле, или пак, се уште се качувате. Чисто, да не заборавите дека на ист начин можете и да се симнете на дното.

Успешните ќе ве поткрепат и тогаш кога плешките ќе ви се уморат од сиот товар што го носите, товарот на сопствениот успех. Успешните ќе ве освестат кога ќе бидете жедни и гладни за повеќе и повеќе, успешните ќе ги отворат патоказите за полесно да го најдете сопствениот пат.

Неуспешните по качувањето на врвот или приближно до него, (врвот има различни висини, за некого врвот е тезга во локална биртија која има добро реноме, за друг оствојување светски топ-листи) забораваат дека ниските удари болат додека си се уште на првите скалила, потоа на некој начин те подигнуваат нагоре и на крај се доволно далеку од тебе да не ги забележуваш ни дека воопшто постојат.

Но, неспорен е фактот дека можеби неуспешните никогаш не ни го осетиле тоа на своја кожа… Кој знае…

Посетено 403 пати