Од восок да бевме не ќе догоревме толку бргу

vosok_majkatiitatkoti

од восок да бевме
не ќе догоревме толку бргу
а телата убави ни се
стројни и витки
чекорот силен
очите бистри
усните насмеани
ама срцата
душите
како свеќи
како кандила запалени
на отворено ни се
и секој бол е како ветар
се лепи на кожата
се впива во порите
ни дува во срцата
и пламенот веќе не е постојан
трепери
се бори
се обидува да се одржи
да посвети уште малку
уште барем некоја година
за децата да си ги пораснеме
да им се порадуваме
столб да им бидеме
тука да сме
за нив
дур на нозе не застанат
свои да станат
ама срцата
тие ни се топат
поткопувани од удари
разјадени
раздробени од цигари
алкохол
ноќи непроспиени
стапки од оние кои низ нив поминале
и се топат
се гасат
дур од пламенот само чад не ни остане
од срцата наши уморни
кои од восок да беа
не ќе ни догореа толку бргу

Посетено 1.808 пати