Не се мачите да барате, до први нема ништо на рецепта никаде

Реков денот со мама да го поминам, ќе ѝ правам друштво до аптека, лековите да си ги купи. Си земала кесичка и во неа си ја ставила книшката со рецепти и илјадарче. „Ќе ми остане и да те частам кафе“, ми вели возбудена. Спремна. Во првата аптека „Нема ништо на рецепта“, викаат. Се вознемири мама дека ќе остане без лекови, ѝ велам „Не грижи се, и во други ќе побараме“. Во втората исто. Во третата аптека девојката апла ни вика „Не се мачите да барате, до први нема ништо на рецепта никаде“. Ѝ се слоши на мајка ми, најверојатно помислувајќи дека она илјадарче нема да ѝ стигне. 

Ја смирувам јас и убедувам да ѝ ги купам зошто без лекови ни еден ден не смее да помине, па се расправаме тука пред очите на сите. Не ми дозволува, вели „Нема да им даваш ни денар, зошто сум плаќала јас цел живот здравствено, ако треба ќе умрам, од инат не им давам!“ Едвај некако ја наканив да ги купиме приватно, а само за тие лекови кои одат на парче, оти не одат сите, да купиме да има бар до први. Две и пол илјадарчиња плативме!!! Третина нејзина пензија! Срцето ѝ се искина на жената. За лековите, за кафето кое толку многу сакаше да ми го плати… Моето на парчиња се распрсна. Не за парите проклети, туку за нервозата нејзина и срцето нејзино кое чука правилно само под влијание на лекови Ја стутка кесичката, го згужва лицето, насмевката ѝ ја снема, се јадеше, одвнатре се изеде жената од мака…

Повеќе пати купувам лекови од Грција приватно, истите како нашите овде, само најмалку три пати поевтини од нашите на рецепта! Сите вие што остварувате профит од лековите, што ни подметнувате шкарт лекови, што ни ги наплаќате како да ги купуваме приватно и кога се на рецепта, што не опљачкавте, до гола кожа не соголевте, што од болеста и немоќта на луѓето кои си уплаќале чесно придонеси за здравствено се богатите, аир да не видите да бог да! Бездушници, профитери, крвопијци! 

Посетено 886 пати